Мукоски, Арнаудов и Василевски не гласаа за амнестија за „крвавиот четврток“.
Два дена пред протестот што го најави ВМРО-ДПМНЕ по повод приведувањата за 27 април, во парламентот не успеа обидот на пратеничката група на опозициската партија да протурка закон за севкупна амнестија за „крвавиот четврток“. Затоа утре, пред протестот на ВМРО-ДПМНЕ, се очекува на маса во парламентот да се најде предлогот на новата независна пратеничка група кој би значел делумна амнестија за настаните во Собранието при изборот на Талат Џафери за прв парламентарец.
Предлог-законот за амнестија што го поднесе ВМРО-ДПМНЕ не го доби вчера потребното мнозинство за да биде ставен на дневен ред на новата собраниска седница. За предлогот законот да се донесе по скратена постапка гласаа 25 пратеници, а 59 беа против. Тројцата пратеници што беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, зашто гласаа за пристапување кон уставните измени, а кои се обвинети за 27 април, не биле присутни на чинот на гласање. Можно е сепак, во тој момент, тие да биле во судот на вчерашното рочиште за насилствата во парламентот, што беше закажано, па одложено. Но и другите четворица пратеници од новата независна пратеничка група не гласале или не биле присутни кога се одлучуваше дали предлогот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се најде на дневниот ред.
Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со овој предлог се опфатени сите лица за кои веќе има донесено првостепена судска одлука, но сè уште ја немаат добиено одлуката од судот, потоа за лицата што се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок, како и лицата што се опфатени со обвиненија за учество во толпа и слично.Според Стаменковска, законот предвидува вистинско национално помирување за сите што учествувале во настаните од 27 април, а не селективно помирување, како што сакаат да направат премиерот Зоран Заев и парламентарното мнозинство преку телото за помирување.
„Дурловски, Јовановски, Дамовски не се и не можат да бидат терористи ниту, пак, вработените во МВР… Целта на законот е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата. Ги повикуваме сите пратеници од парламентарното мнозинство да дадат поддршка, конечно да завршат поделбите во македонското општество, да ја вратиме државата во нормален колосек и да се концентрираме на вистинските проблеми“, рече Стаменковска.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пак, оцени дека треба да се направи разлика меѓу оние што нарачале и извршиле насилство и оние што биле во еуфорија во Собранието за време на настаните од 27 април.
„Не смее и не може да има амнестија за оние кои планирале, нарачале и извршиле насилство на 27 април“, рече Костадинов. Тој додаде дека се очекува во најскоро време од пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ да произлезат насоките и формите за тоа како би се случувало помирувањето.
Поранешните членови на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ в среда ќе ја презентираат својата верзија пред телото за помирување. Според информациите, се предлага целосна амнестија за оние што не биле вклучени директно во насилствата или во организацијата на случувањата на 27 април. За другите, пак, се предлага преквалификација на делото, со оглед на тоа што најголем број од обвинетите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, за што е предвидена минимална казна од 10 години затвор. Сепак, за разлика од амнестијата која е во надлежност на парламентот, прашање е како би се извела евентуалната преквалификација на делото за што би требало да носат одлука обвинителството или судот.
ВМРО-ДПМНЕ реши да не се вклучи во работата на телото за помирување кое има 25 члена.

