Судскиот совет на денешната седница разрешил еден судија, а за уште еден утврдил нестручно и несовесно работење.
Според неофицијални информации на ТВ24 разрешена е судијката Весна Кичеец од Охрид, која на јавноста и е позната по случајот за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски, 27 годишното момче кое на новогодишната ноќ во 2016-та година беше убиен пред кафе-барот „Табана“ во центарот на Охрид. Истовремено, на Кичеец и се забранува и да суди. Од Судскиот совет официјално не потврдуваат за кој судија станува збор, на веб сајтот објавено е кусо образложение.
– Донесена е Одлука со која е разрешен судија од вршење на судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и истовремено е донесена Одлука за времено оддалечување на судијата од вршење на судиската функција до правосилно завршување на постапката.
Според извори на ТВ 24 од Советот, утврдиле несовесно и нестручно постапување во конкретниот предмет со Матилоски, одолговлекување на постапката, а во меѓувреме главниот осомничен, Бојан Угреновиќ побегнал.
Сепак ова разрешување на судијката Кичеец не е конечно, таа има право на жалба во Врховниот суд.
Инаку Весна Кичеец е позната за пошироката јавност и како истражна судијка во случајот „Илинден“, од 2009 година кога потона брод кај кампот Елешец во Охрид, со 15 бугарски туристи.
Во последните две години Судски совет разреши деветмина судии, меѓу нив и претседателот на Врховен, Јово Вангеловски и неговите колеги Рахилка Стојановска и Ристо Катавеновски.
