Се одбележува Илинден – 123 години од востанието

Со бројни свечености и оддавање почит на илинденците, денес низ државата се одбележува 2 Август – Илинден, Денот на Републиката. Годинава се навршуваат 123 години од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, двата историски настани што ги поставија темелите на македонската државност.

Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце утрово започна централната државна прослава, каде со положување свежо цвеќе, свечена програма и обраќања се оддава почит на делегатите на Првото заседание на АСНОМ и на нивното историско дело.

Во струшкото село Ташмаруништа денес се одржува традиционалната културна манифестација „Илинден“, со која се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и 75 години непрекинато чествување на празникот. Програмата започнува  во 10 часот со пречек на коњаничкиот марш, по што следува полагање свежо цвеќе на споменикот „Двата Илиндена“ и положување венци во чест на борците од Илинденското востание.

Во 11:30 часот е предвидено свечено отворање на манифестацијата, по што ќе следува културно-уметничка програма со настап на Андријана Јаневска, Петар Темелковски, групите „Седенка“ и „Медник“, како и КУД „Илинден“ од Струга. За 14 часот е најавена и посета на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој ќе положи свежо цвеќе на спомен-обележјето посветено на загинатите борци од Илинденското востание.

Свечености по повод Илинден денес се одржуваат и во Крушево, како и на повеќе спомен-обележја низ земјата, во чест на борците за слободата и државноста на Македонија.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани