Со осумдесет и седум точки на дневниот ред, денес се одржа 39- седница на Советот на Општина Охрид. Пред советниците беа годишните извештаи и завршни сметки на образовните институции, јавните претпријатија и програмите на општинските одделенија.
Во вториот дел од работата на денешната седница, советниците усвоија деветнаесет одлуки за вклопување на бесправно изградени објекти на територијата на Општина Охрид.
Координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата побара да бидат повлечени од страна на предлагачот точките за легализација на дивоградбите кои беа на дневниот ред, затоа што се распишани избори и затоа што еден дел од тие објекти се наоѓаат на површина која претставува државна сопственост. Истите легализиации можат да се најдат на дневен ред веднаш по завршување на изборите, да се расправа и одлучува по нив, истакна Живка Ангелоска.
„Дотолку повеќе ова го побарав за Локалната власт да остане доследна сама на себе, да остане доследна на тоа што го зборуваше во 2021 година и го критикуваше, а ние го прифативме. Сега се прашувам ако во 2021 година актуелната локална власт која тогаш беше опозиција легализациите ги наречуваше предизборен поткуп зошто сега реши да им претставуваат пракса и да го прават тоа што го критикуваа, и во интерес на политичка култура беше прифатено тогаш и постапено како што бараа. За жал, очигледно дека ствовите се менуваат зависно од позицијата.“ – кажа Ангелоска.