Се празнува Свети Климент Охридски – патронот на градот Охрид.
На 8 ми декември црквата го слави Свети Климент Охридски, првиот словенски епископ со Дух напоен од Бога, нашиот Старец, молитвеник, духовник, беседник, просветлител, учител…
Општина Охрид и годинава ќе го одбележи празникот со достојна програма.
Не се знае кога е роден, каде се школувал, кои се неговите родители и сл. Изворите молчат, но житијата никогаш немале за цел да ги изнесуваат личните моменти од животот на светителите, туку нивните богоугодни дела, нивните подвизи и жртви.
Со иста таква цел и во спомен на овој голем наш светител и Божји угодник се напишани и овие редови. Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Во Пространото Климентово житие пишува: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител“. Поради оваа блискост со свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичко-брегалничката област каде со словенското кнежество управувал свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид, или пак, со помала веројатност од Солун. По заминувањето на свети Методиј од светот, со цел „целиот свој живот на Христа Бога да Му го посвети“ во манастирот на Олимп, со него заминале и свети Климент и свети Наум. Се смета дека двајцата таму биле замонашени. На теренот на оваа словенска земја се изодени првите чекори на словенската богослужба и писменост, откако пред тоа свети Кирил ја создал словенската азбука – глаголица. Иако и претходно не биле мирни во своето дело поради непријателите на словенскиот јазик, по смртта на свети Методиј во 885 година за неговите ученици започнале деновите на прогон и мачеништво. Во Моравија се случиле трагични мигови за словенската богослужба и писменост. Таму тие претрпеле големи искушенија: останале „без храна и облекло“, трпеле измачувања, прогони, навреди, фрлани биле во затвори, со неколку збора – преживеале сцени од житијата на мачениците, но и ни оставиле доказ како да се истрае во искушенијата. „Бог е милостив“ и Тој им дава сили на своите избраници да издржат. По тие тешки мигови и по смртта на свети Горазд, едни од учениците отишле во Бохемија, каде што го ширеле делото на словенски јазик до крајот на 11. век, а другите, Климент, Наум и Ангелариј преку Белград дошле во Плиска кај царот Борис, кој покажувал интерес за вакви луѓе поради потребата од ширење на христијанството на словенски јазик, а извесен број по заобиколен пат преку Венеција и Цариград дошле во Бугарија. Набргу потоа во 886 година свети Ангелариј подлегнал на раните здобиени во прогонот, свети Наум останал како управник на Преславската школа, а свети Климент заминал за Кутмичевица. Во науката сè уште со сигурност не се знае каде се наоѓа оваа област, претпоставките се насочени кон тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција. Девол, Охрид и Главеница биле три населби во областа Кутмичевица. Тука тој го започнал најплодниот дел од својот живот.
Голем е неговиот влог во литературата и пишаниот збор, но не смееме да заборавиме дека свети Климент, пред сè, бил претставник на Црквата Христова. Неговите дела биле создадени во слава на нашиот Спасител Исус Христос .

Преку дејноста на Охридската книжевна школа, со длабока љубов и почит кон делото на нивните учители тие го просветлувале народот паднат во гревовен мрак. Сведочеле за Бога и на луѓето им го покажувале патот кон Него, патот на спасението и Вистината. Ја продолжиле традицијата на своите учители, со доследно придржување до наследството на светите браќа.
Во Охридската книжевна школа се подготвувале 3500 ученици, кои подоцна во групи од по 300 биле распоредени низ целата епархија. Едни од учениците биле ориентирани кон црковна дејност, други кон книжевна. Се препишувале и преведувале богослужбени книги, но и се создавале оригинални дела кои претставуваат класични творби на старата црковнословенска литература, составени според нормите на византиската поетика.
Нивната плодна дејност на полето на Црквата роди богати плодови, од кои ние и ден денес се храниме. Еве и ние денес сме сведоци дека по нивните свети молитви во нашите манастири се продолжува нивното дело. И да не заборавиме, сето ова ни е оставено во наследство кое треба достојно да го чуваме.
