Се слави Богојавление Водици

Денеска православните верници го одбележуваат големиот христијански празник Богојавление – Водици, еден од најзначајните празници во православниот календар, кој има длабоко духовно и симболично значење.

На овој ден се празнува Крштевањето на Исус Христос во реката Јордан, кога за првпат се пројавила Светата Троица – Бог Отецот преку гласот од небесата, Бог Синот преку Христос и Светиот Дух во вид на гулаб. Оттука и името Богојавление, односно јавување на Бога.

Во сите православни храмови утрово се служи Света Божествена литургија, по што следи чинот на големиот Богојавленски водосвет. Осветената вода, која верниците ја носат во своите домови, според црковното учење има благословено и осветувачко дејство и се смета за света и лековита.

Централен дел од празнувањето е положувањето на Чесниот крст во водите, кога верници, капачи, скокаат по крстот, верувајќи дека оној што ќе го извади ќе биде благословен со здравје, среќа и бериќет во текот на целата година. Како што појаснува МПЦ, овој чин не е натпревар, туку израз на жива вера, храброст и духовна посветеност.

Богојавление – Водици во Македонија традиционално се одбележува масовно, со силна духовна атмосфера, литии, молитви и народни обичаи, кои се пренесуваат со генерации. Празникот упатува на прочистување, обновување и зацврстување на верата, но и на заедништвото и духовната поврзаност меѓу луѓето.

Со Водици завршува и некрстениот период, а според народното верување, од денеска водите се осветени, а природата влегува во нов духовен циклус.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани