Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Силјаноски, даде отчет за реализираните активности во првите 100 дена од својот мандат, потенцирајќи дека транспарентноста и отчетноста се обврска кон граѓаните.
„Довербата се гради со работа, со чесен пристап и со конкретни резултати. Отчетноста не е само збор – таа е обврска кон народот. Јас сум еден од Вас“, порача Силјаноски во обраќањето до сограѓаните.
Тој истакна дека во изминатиот период фокусот бил ставен на подобрување на инфраструктурата, поддршка за младите, развој на локалната економија и уредување на животната средина.
Поддршка за младите и семејствата
Општината воведе субвенционирање на возачки дозволи за млади до 21 година во износ од 20.000 денари, како и финансиска поддршка за склучување брак – 30.000 денари за лица до 30 години и 6.000 денари за лица над 30 години.
Дополнително, се доделуваат 6.000 денари за секое новороденче, 100.000 денари за трето и секое наредно дете, како и 30.000 денари помош за семејства погодени од елементарни непогоди. Обезбедена е и еднократна парична помош за лекување.
Инфраструктурни зафати и уредување на просторот
Во првите 100 дена реализирани се повеќе инфраструктурни активности: асфалтиран е патот до с. Долно Средорече во должина од 630 метри, поставен е нов асфалт на улица „Романка“ во Мешеишта, започната е реконструкција на улица во Волино и на Домот на култура во истото село, пробиен е нов пат од 600 метри до црквата „Св. Атанасиј“ во Лешани, а тампониран е и пат во Мешеишта.
Извршено е расчистување на крајпатна вегетација и канали на повеќе патни правци, расчистени се диви депонии во Грко Поле и кај „Сини Вирој“ во Белчишта, како и речни корита и канали во повеќе населени места.
Поддршка за јавните претпријатија и комуналната инфраструктура
Набавени се 480 канти од 120 литри во соработка со Министерството за животна средина, машина за канализациони системи, униформи за вработените во ЈПК Дебрца, како и возила за потребите на ЈКП Дебрца – камион МАН за собирање смет како донација од Град Виена и Фолксваген транспортер.
Исплатени се 8.246.582 денари на земјоделците за штети од природни непогоди, а преземени се и обврски на ЈПК Дебрца во износ од 5.500.000 денари за потрошена електрична енергија од пумпните станици.
Образование, спорт и култура
Набавени се грејни тела за училишната зграда во Горенци, реконструирана е оградата на игралиштето, уреден е дворот пред здравствениот дом во Белчишта, а изграден е и базен во Песочани.
Обезбедени се финансиски средства за поддршка на спортските клубови, манифестации и културно-уметничките друштва, а традиционално е одбележана и Стара Нова Година (Василица) со обезбедена храна и огрев за сите населени места.
„Ова не се само бројки. Ова се конкретни чекори за стабилна, развојна и достоинствена Дебрца“, нагласи Силјаноски, додавајќи дека првите 100 дена се само почеток и дека општината продолжува со исто темпо кон целта – развиена инфраструктура, силна локална економија, чиста животна средина и сигурна иднина за младите.
