„Силна алка“ – ревијален натпревар по прва помош

Во рамки на Меѓународната програма СИЛНА АЛКА која ја спроведуваат организациите на Црвен крст Суботица, Крагуевац, Ужице од Србија, Требиње од Босна и Херцеговина, Бар од Црна Гора и Црвен крст Охрид, во Сутоморе-Црна Гора, во беспрекорна организација на Црвен крст Бар, се одржа ревијален натпревар по прва помош со учество на екипи од сите горенаведени организации на Црвен крст. Прекрасните домаќини од Црвен крст Бар ги спроведоа сите европски стандарди за организирање на натпревар по прва помош, а целта, меѓусебно запознавање, дружење и размена на знаења и искуства во пристап и третман на повреди помеѓу волонтерите на организациите на Црвен крст од регионот, беше реализирана на највисоко ниво.
Црвен крст Охрид на овој натпревар го претставуваше екипа по прва помош од 6 волонтери, кои полни со импресии, побогати со искуство и нови познанства се враќаат во Охрид.
Програмата СИЛНА АЛКА и преку првата помош ја потврди својата целисходност и корисност во ширењето на хуманоста, солидарноста, толеранцијата…
Следната активност на организациите во СИЛНА АЛКА е Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал ВДИШИ ТЕАТАР кој од 12 до 16 јуни 2024 ќе се одржи во Охрид, во организација на Црвен крст Охрид.

Social profiles