Реакција на Синдикатот за култура по однос на потпишувањето на општиот колективен договор во културата за кој имаше јавно ветување од премиерот и министерот за култура но не предвиделе средства во буџетот.
Буџетот потребен за спроведување на колективен договор во културата е многу за владата. Да, многу е, и јас се согласувам, исто како што се многу неправилностите што се случиле во минатото, исто како се многу грешките во културата што владата не ги поправи, иако како синдикат алармиравме цело време.
-Во културата не бараме покачувања од 5, 10, 15% како што бараат останатите сектори. Бараме уредување на платите по основ на колективен договор за да ставиме крај на безредието во платите, произволното покачување на плати на поединци и селективното делење на коефициенти. Постојат огромни разлики во плати меѓу дејностите и неправична валоризација на трудот. Бараме тоа да се измени.
3 години се спремаме за колективниот договор како синдикат, правејќи анализи за состојбите и потребите во кои беа вклучени сите можни општествени, економски и социјални фактори. Не верувам дека ниту една служба има направено ни приближно добри анализи брз чија основа се покачуваат плати во образование, здравство, одбрана, полиција и сл. (Да се разбереме, ништо против покачувањето на платите во другите сектори, туку против начинот на кој се покачуваат).
Така што, нашите барања се реални, не се водени од желби, туку од потреби. Немање на колективен договор во културата е како државата да нема Закон за работни односи. 15 години не се дозволува културата да го уреди својот сектор и таму владее комплетен хаос во кој најголема жртва се ревносните работници, а најголеми привилегии имаат неработниците.
Немало пари во 2005 за спроведување на колективениот договор, немало пари во 2015 за нов колективен договор, нема доволно пари ни за 2020. 15 години! Ако не се уреди културата со колективен договор сега, се дозволувааат злоупотреби и манипулации и во иднина.
Не можам да разберам како една држава си дозволува еден јавен сектор да не биде уреден и како секоја влада остава простор овој хаос да се зголемува и штетата да се умножува. Тоа е неодговорно и кон вработените и кон даночните обрвзници кои ја финансираат културата, напиша Сања Арсовска претседател на Синдикатот за култура.
