„Сакаме здравје, не пари“, „Не ја копај нашата иднина“, „Прашината од каменоломите убива“ , се дел од пораките кои ги испратија жителите на струшките села Лабуништа, Подгорци и Октиси на вчерашниот протест против камелоломите на падините на Јабланица.
Жителите го блокираа магистралниот пат Струга – Дебар, револтирани оради тоа што се гради уште еден каменолом во подножјето на планината.
„Ние како граѓани нема да састанеме тука, мора да се стави крај на секакво зло што се нанесува на Лабуништа и околните села, но пред се штетата што се нанесува на природата. Без разлика дали живеете во Лабуништа или не, запаметете дека истиот воздух го дишеме сите, подеднакво“, велат од еколошкото друштво „Натура Лаб“ од Лабуништа.
Жителите бараат од ресорните министерства и Владата одземање или раскинување на концесиите во најкраток можен рок, со цел да се заштити населението од големото загадување од каменоломите.
Во Лабуништа има шест активни каменоломи и уште неколку што работат без дозвола. Ова не е прв протест на лабуништани против икопите на камен кои се во близина на нивните домови.