Спасителната моќ на “Богородица Заумска”

Манастирот “Света Богородица Заумска” се наоѓа на 20 км од Охрид, на брегот на езерото, во подножјето на Галичица, во близина на рибарското село Трпејца. Местото е недостапно од копно, тука се доаѓа само по вода.

 

Според легендата една охриѓанка, богата чорбаџиска ќерка, тргнала со чун во Свети Наум. Кај Пештани ја зафатило силно невреме. Не можела никако да стигне до брегот. Во бурата од грмотевици, силен ветар и бранови седнала на кајчето, ги скрстила рацете и почнала да се моли “Богородице спаси ме, однеси ме на копно и ќе ти изградам црква”. Така Мајката Божја подала рака ја однела на брегот на денешниот Заум.

 

Нејзините родители благодарни на Бога го изградиле манастирот и конаците на местото каде се спасила нивната ќерка, денешен Заум.

Легендата со задоволство ја раскажуваат старите , а во неа а во неа поколенијата и новите генерации веруваат и денес.

Ова лето повторно воскресна култот кон  Богородица Заумска. Двете изгубени момчиња од Скопје, кои со гумено кајче осум саати се бореа со силното невреме во Охридското езеро, беа пронајдени токму кај Заум. Тука, од Елешец од каде тргнаа со  кајчето, ги донесе силата Божја.  Нејзината милост беше појака од силните бранови и невремето. Цела ноќ, мајката Божја бдееше над младите животи и им помагаше во нивната борба со силното невреме. 

Случајност или не, неможе да се каже, но едно е јасно Заум е место кое плени со духовна енергија. Секоја година од мај до октомври манастирот е опкружен со кампери, кои тука одмараат во беспрекорната тишина, свежиот воздух и  живописната природа.  Некои се против кампувањето и нарушувањето на мирот на ова свето место, други велат убаво е да има посетители, кои се грижат за црквата и не прават штета.

 

Црквата е изградена во 1361 година од страна на кесарот Гргур. Таа е во форма на впишан крст, со кубе кое се потпира врз четири столба, слично како и охридските цркви Света Богородица Перивлепта и Свети Јован – Канео.

Заум е украсен со фрески, дела на непознати зоографи. Ова сликарство има исклучително значење за изучувањето на уметничкото создавање од втората половина на XIV век. Во моментов Завод и музеј врши реставрација на фрескоживописот во црквата.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани