Старите охридски куќи го оживуваат духот на традицијата

Прошетката низ стариот дел на Охрид ви дава чувство дека чекорите низ вековите, опкружени со старата охридска народна архитектура. Овде е сочуван типичниот изглед на ориенталната градска куќа од 18 и 19 век.

 Старите охридски куќи се надалеку познати и впишани во светската архитектура, а за нив се интересирале голем број архитекти кои ги анализирале во стручната литература. Ѕидани под влијание на ориенталната и византиската градежна традиција, со впечатлив стил и бели фасади кои доминираат над стрмните и тесни улички, тие оставаат впечаток на чудесна и несекојдневна убавина кај многумина туристи. Тие настануваат по населувањето на Турците на територијата на Охрид, кога ги заземаат рамничарските делови покрај езерото, па македонското население е принудено да гради на ридестиот дел. Соочено со теренските прилики, во Охрид почнал да се развива еден од најреволуционерните типови на народна архитектура во Македонија.

„Куќите на стариот Охридски град се уметнички распоредени околу падините на ридот. Христијанските живеалишта беа ограничени во рамките на ѕидините на градот, а потребата да се искористи просторот најдобро во дадените околности, инспирираа мноштво креативни архитектонски облици“, раскажува архитектот Горан Патчев.

Христијанските охридски куќи се ориентирани југоисточно, насочени кон езерото и планините. Сите тие се одликуваат со квалитетна инсолација, а бидејќи се на ридест терен, не им недостига убав поглед кон езерото. Според големиот словенечки архитект Душан Грабријан (1899 – 1952), Турците им доделиле на христијаните во Охрид многу мал простор крај езерото и ридот наменето за градба. Затоа поради безбедност охриѓани сакале да видат собрани заедно на едно место. Така е создадена и потребата за стеснување и градење куќи на ридот, а како последица на тоа се вѕиданите, длабоки и високи куќи. Во приземниот дел биле складирани дрвата за огрев, виното, ракијата, зимницата. Првиот кат бил резервиран за престојување на семејството. Најгорните одаи се репрезентативни, богато украсени, најшироки и нудат прекрасен поглед кон езерото. Во нив се вршел прием на гости, се одржувале семејни настани. Некои од куќите имале и посебна просторија која го нудел најубавиот и најширок видик – белведере.

Куќата на Робевци е ремек-дело на старата градска архитектура, не само во Охрид туку и во целата држава која својот највисок развој го достигнува во текот на 19 век. Денес е заштитен споменик на културата. Куќата на Уранија, пак, е изградена во втората половина на 19 век и еден е од ретките објекти од охридската староградска архитектура сочуван во својата изворна форма. Припаѓала на охридската фамилија Филеви, последен жител била старица по име Уранија, а денес сопственик е МАНУ.

Текстот „Старите охридски куќи го оживуваат духот на традицијата“ е изработен во рамките на проектот „Охрид во духот на етно традицијата“ поддржан од општина Охрид преку Секторот за ТЛЕР. Целта на овој проект е создавање уникатна слика на градот кој насекаде во светот е познат по неговото културно историско богатство.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани