Сто години од раѓањето на Вангел Наумоски, во неговото ателје денес творат и синот и внуката

Се навршуваат 100 години од раѓањето на еден од најталентираните уметници во земјава, познатиот Вангел Наумоски. Човекот, кој Салвадор Дали лично го нарече уметник од бајките.  Делата на Наумоски го обиколија светот со над 30 самостојни изложби. Голем дел од неговите вредни дела денес се чуваат  во светските галерии и кај колекционерите на ументички дела.

По повод сто години од неговото раѓање ќе се организираат неколку настани. Во куќата на Робевци ќе се претстави изложба во организација на Завод и музеј Охрид, каде ќе биде изложена колекцијата од Специјалната болница „Св Еразмо“, која своевремено ја напрваил Петар Мостро.

– „Прва презентација на неговиот нов циклус, тука имаме слики кои не се објавени. Додека беше жив ги селектирал и ни ги остави во наследство. Оваа прилика ќе ја искористиме да ги презентираме, инаку тоа е една манифестација наречена Илинденски хепенинг бидејки изложбата ќе биде отворена на 01 спроти втори август на полноќ. Прво што сторив годинава за одбележувањето издадов шест колор репродукции со календарски податоци -календари која е збирка на шест репродукции со цел  да стигнат во домовите на граѓаните и работните организации за уметноста да биде во допир со поширок број на граѓани“, вели Рубенс Наумоски син на Вангел Наумоски.

Во семејството на Вангел Наумоски се уште живее уметноста, во ателјето на Вангел твори и синот Рубенс, а има и трета генерација наследник, а тоа е внуката Јана Маркоска.

– „Факт е дека од најрано детство сум сликар, всушност цел живот, не со интензитет но континуирано до ден денес. Во добар дел сум сличен во стилот на татко ми се сеќавам Соња Абаџиева нашата сликарка ме советуваше бегај од Вангел, јас и реков како што е грешка да имитираш некого така е поголема грешка да бегаш од себе затоа што личиш на некого. И реков исто генетско потекло сме и Вангел и јас еве и Јана. Јана е многу моќна јас и викам во многу изрази си помоќна и од мене, а дури и од дедо ти, имаш моќ. И стално сум и викал да потроши повеќе време на сликарството“, додава Наумоски.

Група ентузијасти под водство на професорот Зоран Тунтев при одбележувањето на јубилеј во Лајонс клубот ќе организираат изложба архитектонска скулптура која ја излагаше уметникот во 1967 година во Рим, а ќе бидат изложени и сите плакати од изложбите  на авторот од  реализираните изложби ширум светот.

Вангел  беше врвен уметник,архитект, скулптор, поет и  музичар. Роден на 22 март 1924 г. во с.Скребатно (Охридско) а почина на 13 јуни 2006 г. во Охрид, каде што живееше и твореше.

Светски познатиот уметник  останува запишан во историјата по неговата раскошна креативна имагинативност, магичност, мечтателност, меланхоличност.

 

Новинар Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани