Илјадници верници духовно сплотени во молитва повторно во градот на мостовите.
Утре – 7 Мај традиционално по 9 ти пат ќе се одржи божествена Гурѓовденска литија во Струга.
Десетици илјади граѓани повторно се очекува да ги пречекаат светите мошти на Св.Ѓеоргиј Победоносец и неговата чудотворна икона, од манастирот Рајчица.
Со овој голем црковно народен настан се осветува градот Струга но се испраќа и порака за мир , љубов и единство.
Од Бигорскиот манастир информираат дека новина за годинешнава Струшка Литија (Еордија) е присуството на Пречистанската (Крнинска) икона на Мајката Божја што доаѓа од импозантниот манастир „Богородица Пречиста“- Кичево, а која ќе биде богато украсена и носена од верните граѓани од овој град. Бидејќи Струшката Литија (Еордија) прераснува во семакедонски настан, оваа година, во знак на единството и соборноста, моштите на Св. Великомаченик Георгиј Победоносец ќе бидат носени, не како досега од четворица видни граѓани на Струга, туку и од жители од другите градови од земјата. Овој пат се избрани еден жител на градот Битола, еден охриѓанец и двајца стружани.
Воедно новина е и учеството на членовите на „Ансамбл Македонија“ на Струшката Литија, чијашто изведба ќе биде вистинско изненадување за сите присутни.
Литијата е одлика на долгата струшка православна традиција. Вакви литии има во Русија, Грција и Романија , а Струга е единствена во Македонија. Овој величествен духовен настан во градот на мостовите се негувал пет векови, а е возобновен последниве девет години. Големата црковно народна манифестација од година во година станува се помасовна.
