Светиот праведен и многустрадален Јов

Според календарот на МПЦ денес се одбележува споменот на Светиот праведен и многустрадален Јов.

 

Јов беше потомок на Исав, внукот Авраамов и живееше во Арабија околу 2000 години пред Христа. Татко му е Зарет, а мајка Восора, а неговото цело име беше Јовав. Беше човек чесен, богобојазлив и многу богат. Но во седумдесет и деветтата година од неговиот живот Бог допушти тешки искушенија врз него преку сатаната, како што с ? е потенко опишано во Книгата Јов. И во еден ден Јов го изгуби сиот свој имот, сите синови и ќерки свои. Потоа врз него падна тешка болест од којашто целото тело му се покри со рани од темето до табаните и лежеше Јов на ѓубриштето надвор од градот и со парче керамида си го вадеше гнојот од раните. Но не заропта на Господа, а стрпливо докрај ги поднесе сите оние маки. Затоа Бог му го врати здравјето и му даде многу поголемо богатство од претходното и пак му се родија седум синови и три ќерки, колку што ги имаше порано. Поживеа уште сто и четириесет години, постојано славејќи и фалејќи Го Бога. Јов се смета за пример на трпеливо поднесување на секое страдање коешто Бог ни го испраќа и за предобраз на страдалниот Господ Исус.

Тропар
Кога го виде богатството на добродетелите Јовови, непријателот на праведните сакаше да го украде, и, кога го растргна столбот на телото, ризницата на духот не ја украде, зашто неговата непорочна душа ја најде вооружена; мене, пак, ме ограби и ме зароби. Но Ти, Спасителе, дојди ми на помош пред крајот, избави ме од лукавиот и спаси ме.

Кондак
Како вистинољубив и праведен, благочестив, непорочен и осветен се покажа ти, сеславен Божји угоднику, и во твоето трпение ја просветли вселената, најтрпеливе и најдоблесен. Затоа сите ние, богомудри, твојот спомен го воспеваме.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани