Според православниот календар денес се празнува Теодор осветен, Свти Никола Мистик и Свети Николај…
Преподобен Теодор Осветен
Ученик на Свети Пахомиј. Роден и воспитан како незнабожец, но како млад дојде до познание на вистинската вера, се крсти и кога чу за Свети Пахомиј, побегна во манастирот тајно од своите родители. Свети Пахомиј го замонаши и го засака заради неговата необична ревност и послушност. Кога дојде мајка му да го вика да се врати назад, тој не сакаше да ѝ се јави, туку се молеше на Бога за неа, за да ја просветли и неа со вистината. И навистина, мајката не само што не го врати син ѝ дома туку и самата не се врати: го виде во близина женскиот манастир со којшто управуваше сестра му на Пахомиј, стапи во него и се замонаши. По извесно време дојде во манастирот и брат му на Теодор, Пафнутиј, па и тој се замонаши. Еднаш се случи епископот на градот Панопол го повика Пахомиј да уреди манастир за многубројните коишто го сакаа монашкиот живот. Пахомиј го зеде со себе Теодор и главно нему му ја предаде должноста околу устројувањето на манастирот. По смртта на Свети Пахомиј, Теодор стана игумен на сите манастири на Пахомиј и поживеа благоугодно до длабока старост, управувајќи со мноштво монаси на патот кон спасението. Се упокои мирно и се пресели во царството на вечната светлина во 368 година.
Свети Никола Мистик, патријарх Цариградски
Се прослави со необична строгост на животот. Царот Лав се ожени по четврти пат, заради што патријархот му забрани да влегува в црква, а свештеникот што го венча го расчини. За ова царот го симна патријархот и го протера во манастир. Делегатите на римскиот папа Сергиј III му го одобрија на царот и тој четврти брак. Но кога умре царот, Никола повторно се врати на патријаршискиот престол и свика собор во 925 година, на којшто четвртиот брак воопшто им беше забранет на христијаните. Се упокои во 930 година. Во она време кај нив „мистик“ се нарекуваше најстариот член на царскиот совет. Значи овој светител порано беше дворјанин со висок чин, но потоа ја остави суетата на светот и се замонаши. Се упокои мирно во 930 година.
Светиот новомаченик Николај
Родум од Епир. За верата Христова мачен од Турците и заклан во Трикали, 1617 година. Главата на овој маченик се чува и денес во еден од Метеорските манастири во Тесалија. Прави многу чуда, лечи најтешки болести, а особено е познато дека од нивите изгонува скакулци.