Утре голема Илинденска прослава во струшко Ташмаруништа

Седумдесет години, централната прослава на Илинден за струшкиот регион се одржува во селото Ташмаруништа.

Прославата на Илинден, ќе се одржи утре пред импозантниот споменик на Двата Илиндена и во атарот на црквата Свети Архангел Михаил, каде се наоѓаат заедничката гробница на паднатите Илинденци и гробовите на двајцата војводи.Прославата започнува со звукот на црковната камбана и полагање венци и свежо цвеќе на Споменикот, Заедничката гробница и гробовите на Илинденците и поздравните говори, а потоа продолжува во пространиот црковен атар и бината со културно уметничка програма.

Организаторите на манифестацијата, го испратија следниов допис со историски податоци за една од најжестоките битки водени со турскиот аскер на територијата на Ташмаруништа: За време на Илинденското востание 1903, овде се одиграла најжестоката борба меѓу востаниците и регуларната турска војска на струшкото подрачје.Борбата започнала на петти август 1903 година помеѓу четирите востанички чети (по една од соседните села Ложани и Драслајца, и двете Ташмарунишки чети) во јачина од 140 востаници и десетпати побројниот турски аскер. И покрај бројната и оружена надмоќ на Турците, востаниците цели десет часа ги одржале позициите. Но кога од грб биле нападнати од други турски формации, востаниците, заштитувајќи го организираниот збег на населението, се повлекле кон Малесија и Дебарца каде ги продолжиле борбите. При влегувањето на аскерот во селото бил убиен заповедникот на аскерот – Милазимот од страна на тешко ранетите борци кои не можеле де се повлечат. Селото било целосно ограбено и запалено. На поприштето од борбата останале 27 жртви на востаниците и месните жители, кои после 2-3 недели, по враќањето на селаните од збегот биле погребани. 19 востаници од соседните села биле закопани во заедничка гробница, а останатите во семејните гробови од селото.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани