Илјадници гости, државниот и црковниот врв од земјава но и делегации од Србија, Бугарија и Турција синоќа во катедралната Света Софија беа дел од милениумскиот јубилеј – 1000 години Охридска архиепископија.
За историјата, подвизите и падовите низ вековите зборуваа црковниот поглавар г.г. Стефан и владиката Тимотеј.
.jpg)
-„Оваа наша Охридска архиепископија е сведок дека вистината е секогаш посилна од невистината, правдата од неправдата и љубовта од омразата. Духот на оваа славна наша архиепископија беше тоа што му даваше утеха на нашиот народ и го поттикнуваше да опстои. Историјата на охридската црква е историја на вековна духовна независност, на духовна сувереност на Македонија. Нејзината историја одела заедно со историјата на на нашиот народ. Слободата на архиепископијата била слобода на народот“, рече г.г Стефан.
.jpg)
-„Малкубројни се црквите кои оставиле таков силен печат во времето и историјата, како што тоа го има втиснато и оставено Охридската архиепископија. Самиот настан веќе одѕвонува во времето, но и во вечноста. Тие 1000 години се проникнати во историјата на Балканот, но најмногу во историјата на македонскиот народ. Години исполнети со црковна традиција, вера, пастирска мудрост и светост. Историјата на Охридската архиепископија е историја на десет вековна црковна и духовна самостојност, независност и автокефалност засновата на Светиклиментовите традиции. Основањето на Охридската архиепископија со сите атрибути на самостојна автокефална црква, без сомнение спаѓа меѓу неколкуте настани кои може да го понесат епитетот на светско- историски настан. Од три епархии денес имаме 12, од незабележително монаштво пред 50 години, денес имаме над 200 монаси и монахињи, целосно се издадени богослужбените книги на македонски јазик, возобновени се многу храмови, манстири и црковни градби со што се оправдува возобновувањето на Охриската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“, истакна г.Тимотеј.
.jpg)
-„Охридската архиепископија била обединувачки, надетнички фактор, со оглед на фактот дека во тоа време црквата не била обременета со етнофилетизам и не била омеѓена од државните или од гранците на кралствата, империите од таа епоха. И како таква таа опстојувала се до 17-ти мај 1767 година кога е укината, а нејзините епархии присоединети кон Цариградската патријаршија Паралелно со развојот на црквата на овие простори се одвива и историскиот процес на формирањето на македонскиот идентитет , кој во поголем дел го присвоил христијанството како верска определба. Сите идни премрежја и опстојби на архиепископијата се премрежја и опстојби на народот кој себеси се идентификува како македонски и ја започнува својата исконска и егзитенцијална опредлба и борба да го избори своето место како рамноправен, признаен и прифатен европски народ со автентичен идентитет. Народот во Македонија после Втората светска војна ги отвори и поттикна процесите за создавање на Македонската православна црква, која се повикува на духовните врски со својата изворна матица – Охридската Архиепископија“, рече Заев.
.jpg)
-„Охридската архиепископија во XI век не била нова садница на македонската почва, туку само една гранка на постарата народна црква на Самоиловата држава. А таа народна црква ја сочинувале учениците на првиот словенски епископ, Свети Климент Охридски. Тој најголем ученик на светите Кирил и Методиј го заокружил неколкувековното ширење на христијанството во македонските склавинии. Но, и тоа не е почетокот на црквата во Македонија. И тоа е само една гранка од разгранетото христијанско стебло. Луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу приврзани кон својата црква. Толку приврзани што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на 11. век, византискиот император Василиј II, не се осмелувал да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска Архиепископија“, рече меѓу другото Иванов.

