Владата бара мораториум за градба во Охрид и Струга

 

Охрид и Струга добија препорака од Владата во рок од 10 дена да изготват акциски план за спроведување на препораките на УНЕСКО и да прогласат мораториум на градежни активности до донесување на Планот за управување со природното и културното наследство.

 

Оваа одлука беше донесена на вчерашната седница на која Владата расправала за ситуацијата со Охридскиот регион по препораките од 43-от состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО кој се одржа во Баку.

„Во таа насока, на денешната седница Владата донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорачува на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство. Истовремено, Владата им препорачува на општините Охрид и Струга, во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање“, соопштија од Владата.

УНЕСКО им даде рок на македонските власти до февруари следната година да ги спроведат препораките за заштита на природните богатства за Охридскиот регион да не биде вметнат во листата на Светско наследство во опасност. Главното барање на УНЕСКО е прогласување на мораториум на секакви урбани трансофрмации на брегот на Охридското Езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани