Денеска во Охрид ќе има аудиција за филмот „Врба“.
Аудиција за улога во новиот игран филм на Милчо Манчевски „Врба“, денеска ќе се одржи во Охрид. Аудицијата треба да се одржи во училиштето „Григор Прличев“ а за малолетниците што ќе сакаат да се пријават на аудицијата и да добијат улога во филмот, потребна е родителска писмена согласност. За нив, аудицијата ќе се одвива во координација со директорот на школото или на одделенскиот раководител. Во текот на минатиот месец, продукцијата „Сектор филм“ објави повик за аудиција за новиот игран филм „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски.
„Врба“ ќе почне да се снима во Македонија на почетокот од есента, филмот се состои од две љубовни приказни, и двете поставени во Македонија. Едната се одвива во 17 век во руралните средини, а другата, пак, во современа урбана средина.Новиот проект ќе го одбележи враќањето на Манчевски од Њујорк во Македонија по речиси една деценија. Проектот е поддржан од Агенцијата за македонски филм. Партнери на проектот се Владимир Анастасов од продукцијата „Сектор филм“, Игор Нола од „Мејнфрејм продукција“ и браќата Чучков во Бугарија.
