Во Охрид ‘Конститутивна средба на Мрежа за Климатски промени’

На конференција во Охрид ќе се бараат решенија за климатските промени. 

Климатските промени повеќе не можеме да ги игнорираме – тие се најголемиот проблем на денешницата, а последиците се видливи и во нашата земја. Екстремни временски услови, поројни дождови со зачестени електрични празнења и подолги периоди на суша се појави кои ја загрозуваат нашата храна, нашето здравје и безбедноста на нашите домови. Токму поради тоа потребно е активно вклучување на сите чинители во општеството за заеднични напори кон поамбициозни активности насочени кон ублажување и прилагодување на климатските промени.

На 3 и 4 јуни во Охрид граѓанските организации и институциите кои работат во секторот животна средина и клима ќе се сретнат на работна конференција за да дискутираат за тековни активности кои се спроведуваат и за да најдат решенија за актуелизирање на проблемот со климатските промени и како до поамбициозна климатска акција од сите засегнати.

„Поради недоволно информации за климатските промени граѓанските организации во нашата земја немаат доволно капацитети активно да се вклучат во носењето одлуки од значење за климатските промени. Но, ова е клучно во момент кога последиците од климатските промени се секојдневни. Токму затоа сметаме дека е потребно здружување на граѓанските организации од сите сектори за да можеме да одговориме на овој предизвик.“ – вели Невена Смилевска, координатор на проектот „Да Зборуваме За Климатските Промени“.

На настанот ќе се зборува и за проблемите кои ги предизвикуваат климатските промени во различни сектори и како да се одговори на овие проблеми, меѓутоа и за правната и институционална рамка која постои и онаа која ќе треба да се создаде со цел да создадеме долгорочна визија за ублажување и прилагодување на климатските промени.

Сметаме дека ваков настан ќе креира простор за дискусија помеѓу сите засегнати чинители во општеството дека е потребна долгорочна стратегија во насока на креирање одржлива иднина како би можеле навремено да реагираме на условите кои ги носат климатските промени.

‘Конститутивна средба на Мрежа за Климатски промени’ ќе се одржи на 3 – 4 јуни, 2019 година, во хотел Метропол, Охрид. 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани