Во светот на успешните: Филигранот на Павлина Шикалеска го воодушевува светот

„Во светот на успешните“ е катче на Охриднет резервирано за луѓето кои по многу нешта се уникатни, дисциплинирани и одговорни во својата работа, имаат визија и стратегија да творат, да прават, создаваат и да ги мотивираат другите. Станува збор за катче на Охриднет посветено  за луѓето што се лидери во својата фела, кои се пожртвувани и креираат вредности, знаат успешно да водат бизнис…..

Успешни се оние кои се чесни и посветени во професијата, кон народот и заедницата и кои не штедат ни време ни енергија да стигнат високо до целта.

Таква е нашата Павлина Шикалеска од Охрид. Изработувач на филигран, позната по своето безвременско ателје во срцето на древниот Охрид PS Filigree. Повеќе од 10 години посветена на уникатните творби од  филигран. На накитот и творбите на PS Filigree се воодушевува светот. Медиуми до Италија, Германија, Англија снимаа неколку репортажи во ателјето на семејството Шикалески.

Прочитајте го интервјуто. 

Како се одлучивте за оваа професија?

Започнав уште како мала, заедно со мајка ми правевме производи со свилени  конци изработувавме  слики. Тука во мене се разви љубовта кон уметноста. подоцна мојот сопруг беше иницијатор да го изучам занаетот. Учев во Скопје изработка на филигрански накит како примарна техника на моето ателје, а потоа продолжив и со други обуки за други техники изработка и на сребро и на злато. Правам накит, претежно за жени, но и за мажи. Имаме побарувачка. Во нашето ателје филигранската изработка започнува од сребро во гранули кое се топи, па се извлекува жица, што е еден од потешките процеси. Најтенката жица е 0,2 мм и со неа се плетат сите внатрешни елементи. Во поново време во накитот вметнуваме она што е највредно во нашата земја, а тое е скапоцениот камен рубинот од Македонија,  со што ја зголемуваме вредноста на овој филигрански накит. Веќе неколку години воведовме и Filigree experience, односно нашиот купувач може да избере парче накит по желба може и да го нацртаме и заедно го изработуваме. Сме имале интересни случаи доаѓа купувач, кој сака да ја запроси својата сакана па сам го изработува вереничкиот прстен.

Шикалеска која е тајната на успехот?

Да веруваме во себе и да се вложиме целосно в она што сакаме да го работиме, тоа е за мене тајната на успехот. Успехот е пропорционален со трудот кој го вложуваме во нашата професија. Впрочем колку се вложуваме толку и добиваме. Најважно е да успееме да направиме баланс, јас ја имам таа среќа што и сопругот ми е филигранист и ја иимам целосно неговата поддршка. Поддршка имам и од моите деца, тие ми се мотив, често  ми помагаат  во работата. Нашиот занает станува семејна приказна, тоа многу ме радува. Заедно си помагаме, јас нив во учењето, тие мене во занаетот.

Кои се предизвиците во Вашата професија?

Уште на самиот почеток во професијата предизвик за мене беше првенствено да се сретнам со една професија, која во минатото ја работеле исклучиво мажи. Денес сум особено горда на тоа, бидејќи докажав дека и жените можат да  го работат овој занает. А што е уште поважно ние жените умееме да бидеме покреативни и поиновативни во овој занает. Покрај традиционалните творби успеваме да воведеме и иновативен накит. Мислам дека кај мене љубовта беше пресудна за  да се посветам на овој занает.

Што те прави особено среќна во работата?

Мене работата ме прави среќна, мотивацијата е секаде околу нас. идејата е скогаш присутна. Среќна ме прави секое изработено парче посебно бидејки секое е уникатно, секое зборува само за себе. Дури има парчиња кои што сум ги направила па дури ми е жал кога ќе се продадат. За секое едно дело различно се приврзувам. Среќна ме прават и среќните купувачи кога ќе ги видам дека го носат мојот накит. А особено сум среќна што  сум чувар на традицијата, ја претставувам традицијата на нашата држава. Во поново време филигранот го модернизирам,додавам една модерна линија, а  со тоа и младите често денес го  носат филигранот. Новите дизајни го сменаа погледот и на младите кон филигранот, тоа особено ме радува.

Што е она што недостига  за напредок на професијата?

Најголем предизвик во нашата професија е тоа што странците не можат да нарачаат накит од нашата држава. Ние не можеме нашиот традиционален, вреден, рачно изработен накит да го извеземе од нашата држава. Ова прашање е веќе псотавено и пред занаетчиската комора и пред повеќе министерствата, но за жал до денес немаме одговор. Имаме забрана за извоз на сребро и злато од нашата држава и тоа ни е навистина голем проблем. Ние имаме голем број странци кои не посетиле, купиле и кога ќе си заминат дома ни се јавуваат и сакаат да нарачаат накит за подарок, за себе, за семејството, а ние не можеме да им продадеме. Тие се вчудоневидени, кога ќе им кажеме дека не смееме да им пратиме. Државата треба да се гордее кога светот го има нашиот автентичен накит. Овој проблем е посочен и се надеваме дека ќе се најде решение.

Кои се Вашите идни планови во професијата?

До пред една година, имав сон да почнам да работам со злато, денес можам да кажам дека го освоив и златото. Мојата желба е да опстанам на пазарот, да се надоградувам , да ја проширам палетата на производи,, да го сочувам квалитетот. И велам човек учи додека е жив. Мојата порака до сите е да бидеме храбри и упорни тоа е патот до успехот.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани