„Во светот на успешните“ Томе Николоски – професионален грумер

„Во светот на успешните“ Томе Николоски – професионален грумер и сопственик на првиот професионален груминг салон во Охрид „GoodFellas“.

 „Во светот на успешните“ е катче на Охриднет резервирано за луѓето кои по многу нешта се уникатни, дисциплинирани и одговорни во својата работа, имаат визија и стратегија да творат, да прават, создаваат и да ги мотивираат другите. Станува збор за катче на Охриднет посветено само за луѓето што се лидери во својата фела, кои се пожртвувани и креираат вредности, знаат успешно да водат бизнис…..

Успешни се оние кои се чесни и посветени во професијата, кон народот и заедницата и кои не штедат ни време ни енергија да стигнат високо до целта.

Првите стандарди за фризирање и средување за одредени раси на кучиња се појавиле уште во 18 век во Франција. Во времето на Луј XVI средувањето и негата на кучињата станала мода на аристократијата, а пудлиците имале статус на дворски кучиња. Денес во светот се отвараат дури и велнес центри за кучиња миленици а Охрид го доби првиот груминг салон кој ги разубавува домашните миленици и им го подобрува квалитетот и стилот на живот.

Томе Николоски – професионален грумер и сопственик на првиот професионален груминг салон во Охрид GoodFellas GroomingSalon вели, „грижата за нив треба да биде комплетна оти само така нивниот живот ќе биде поквалитетен и поубав“.


Што значи да се биде грумер ? Од каде идејата ова да биде Ваша професија?

Николоски: Љубовта кон животните, посебно кучињата е нешто кое го носам во мене изгледа од раѓање. Цел живот добро се чувствувам кога сум во нивна околина. И можеби тоа беше и пресудно да се одлучам да се занимавам со оваа професија. Грумерството или разубавувањето на домашните миленици како професија ја добив случајно, иницирано од потребата да го добијам посакуваниот изглед најпрвин на моето куче, почнав да следам туторијал видеа и литература која се повеќе и повеќе го привлекуваше моето внимание. Сосема случајно се запознв со мојот ментор, Зоран Bella Doxa, кој ми понуди обука во неговата груминг академија. И така започнав со посветено и сериозно навлегување во светот на грумерството.

Испитувајќи го ,,пазарот’’ во нашиот град, ја видов потребата за салон кој во Охрид ите како недостасуваше. Охрид е град во кој отсекогаш се чувале голем број миленици, посебно кучиња, квалитетни примероци, па и сопствениците беа во незгодна ситуација, бидејќи мораше да ги носат своите кучиња во околните градови за нивно професионално средување. И оттука идејата да го отворам првиот професионален грминг салон во Охрид. И моите сограѓани да имаат каде да ги носат своите миленици без губење многу време, а и јас да сум во друштво на животни по цел ден. WIN – WIN приказна.


Колу често кучињата треба да се носат во салони за средување ? Што се подразбира еден третман ?

Николоски: За правилна нега, заштита и добро по здравјето на кучињата, што почесто нивно одржување е и повеќе од потребно. Бидејќи само така грижата за нив е комплетна и секако нивниот живот е поквалитетен и поубав. Тоа подразбира, покрај квалитетната исхрана и ветеринарна грижа, носење на кучето на третман кај професионален грумер. Под еден третман се подразбира комплетно расчешлување на крзното кое често знае да е и заплеткано, капење, употребување на квалитетна и профи козметика, отстранување на вишокот мртво крзно, добро сушење, шишање, давање облик на кучето според утврден стандард. Тука спаѓа и кратење на нокти, чистење на уши и очи и средување на санитарната област. Се од наведеното треба да го нуди еден сериозен салон.


Дали грумингот денес повеќе е прифатен како мода или како потреба ?

Николоски: Грумингот како засебна гранка која е во склоп на Кинологијата, покрај третманите кои се наменети за секојдневно одржување на кучињата, е професија која е во синергија со професионалното одгледување на кучиња кои се претставуваат на изложбите. Изложбените примероци на посебните раси на кучиња се единствениот начин на детерминација и одржување на изгледот на засебните раси и стандардите кои се пропишани за истите. Па така, грумерите се грижат за кучињата да изгледаат што поблиску до нивниот пропишан стандард.

Кај нас, одгледувањето на расни кучиња е во подем. Со тоа и грумингот како професија која кај нас е се уште доста нова, зема замав. И сфаќањата и размислувањата кај сопствениците се качуваат на малку повисоко ниво.

Како и во секој сегмент од денешното живеење, па така и чувањето миленик е комплетно субјективно. Кучиња се купуваат и чуваат и од љубов, а и од мода или како статусен симбол. Но фактот дека имањето на куче е во подем, тоа е неопорно. Па оттука и грумингот ја носи и истата судбина. Некои сопственици ги носат своите кучиња бидејќи знаат дека тоа е добро за нивното здравје, исто како што е добро и по здравјето за сопствениците кои ги чуваат во нивните домови, а некои го прават тоа од мода. Во секој случај, носењето на грумер оди во прилог за кучето.


Кои раси на кучиња најчесто ги носат кај вас ?

Николоски: Кај нас, посебно во ова време во кое се најдовме, посебно станаа популарни малите салонски раси кои се подобни за чување во домашни услови. Поради нивните карактеристики кои вклучуваат некарактеритична кучешка миризба, раси кои не се митарат и немаат голема потреба од којзнае каква физичка активност, се попопоуларни станаа расите како што се бишон, малтезер, јоркширски териер итн. И секако, салонските раси се тие на кои им е неопходен професионален груминг третман за да изгледаат добро, да имаат квалитетно крзно и секако да бидат здрави а со тоа и среќни.


Колку е битно да се негува кучето кое живее во домашни услови и како треба да изгледа едно милениче ? Ваши совети за редовна хигиена на домашните миленици?

Николоски: Бидејќи се повеќе и повеќе семејства и индивидуалци се одлучуваат во својот живот да вклучат нов член, куче, би сакал да ги посоветувам новите сопственици и тие кои размислуваат да бидат тоа дека чувањето на било кое суштество кое дише и има чувства е сериозна работа. Мора да сме свесни дека чувањето на миленик е одговорност за која мораме да бидеме целосно сигурни дека може да ја извршуваме бидејќи животните имаат потреби на кои ние како сопственици мора целосно да одговориме, бидејќи тие не имаат само нас во нивниот живот. Затоа треба добро да се размисли пред да се одлучиме да поседуваме било каков миленик.

Чувањето куче е нешто кое што носи радост во домот. Но исто така и одговорност. Квалитетната исхрана, ветеринарните услуги и грумингот се неопходни за здрав и квалитетен живот на нашиот миленик, работи кои како сопственици треба безкомпромисно да им ги обезбедиме и да бидеме подготвени дека тоа треба да трае подолги години бидејќи кучињата имаат и не така мал животен век. Затоа треба да им посветиме внимание за да им го направиме нивниот живот среќен, исто како тие што го прават нашиот.

Грижете се за вашите миленици исто како што се грижите за самите себеси.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани