Во рамки на фестивалот за народна култура ,,Пображење,, деновиве се одржува и работилница за традиционално изворно пеење предводена од доц.др.Велика Стојкова-Серафимовска, етномузиколог при Институтот за фолклор ,,Марко Цепенков,, – Скопје. Целта на работилницата е запознавање на младите со традиционалното изворно пеење и поттик за негово негување, презентирање и пренесување едни на други.
– Да се предводи една ваква работилница, во место каде традиционалното изворно пеење е живо и каде се негува и пренесува од генерација на генерација е навистина големо задоволство. Вевчани е едно од ретките места во Македонија каде песнопојната традиција живее, Вевчанските Лазарки се пример за истото. Токму лазарското пеење во Вевчани се обработува овие денови во првиот дел на работилницата, а во вториот дел обработуваме изворни традиционални песни од други краишта на Македонија со цел да можат учесниците на оваа работилница да се запознаат и со други песнопојни традиции и начини на пеење кој се дел од богатото и разнолико Македонско нематеријално културно наследство – изјави доц.др. Велика Стојкова Серафомовска, етномузиколог при Институтот за фолклор Марко Цепенков – Скопје.
Вечерва во рамки на втората фестивалска вечер на големата летна сцена во центарот на Вевчани ќе настапат: КУД ,,Керамичар,, – Велес, Македонија; ХКУД ,,Железничар,, – Загреб, Хрватска; ФА ,,Стропковчан,, – Стропков, Словачка; Ансамбал ,,Магура Цодлеа,, – Брашок, Р.Романија; КУД,,Млади рудар,, – Добрња, Тузла, БиХ.