За 6 месеци пратениците потрошиле 100 000 евра за патни трошоци

Граѓанската иницијатива „Доста е“ од Струга бара кратење на патните трошоци на пратениците.

Во најголемата здравствена и економска криза од септември лани до февруари годинава за исплата на патни трошоци за пратениците потрошени се над 6 милиони денари или околу 100 000 евра. Најголемата сума која ја добил еден пратеник за овој период изнесува над 4000 евра.
Активистите ги повикаа пратениците да покажат емпатија и доблест, да користат бесплатен јавен превоз, кој им следува со закон.

„Законот предвидува и бесплатен патен и железнички превоз за пратениците. Еве можност претениците да помогнат во оваа криза со која што се соочува државата, преку користење на патниот и железничкиот сообраќај. Не мора секогаш да се користат сопствени возила“, вели Глигорие Ќатоски од Иницијативата „Доста е“.

Според активистите патувањето до Собрание не е службено патување, потребни се измени во законот за намалување на овие трошоци.

„ Имено предвиден е надоместок за патни трошоци за службени патувања на пратениците , но законот во текстот не дефинирал што претставува оа службено патување. Така да логично се поставува прашањето дали патувањето од дома до работното место е службено патување“, вели Ќатоски.

Друг предлог е патните трошоци да бидат вметнати во бруто платата на пратениците, со фиксен надоместок не повеќе од 300 евра месечно, а потоа пратеникот да избере дали тие пари ќе ги намени за гориво, јавен превоз или закуп на стан во Скопје.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани