Невладините против јавно претпријатие за стопанисување со Охридското Езеро

Потребни се заштита и мониторинг на Охридското Езеро но не и газда кој ќе управува со него, реагираа граѓанските здруженија од Охрид и Струга на денешната јавна расправа на Нацрт законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата со кој се предвидува управувањето да го врши Јавно претпријатие за управување со заштитеното подрачје споменик на природата Охридско езеро основано од Владата. Велат дека Охридското Езеро е јавно добро заштитено од природен и културен аспект за својата универзална вредност и нема да дозволат формирања на Јавно претпријатие кое, како што велат, ќе биде со партиски луѓе и партиски интереси.

Нема достапен опис.

„Со овој Нацрт предлог закон сакаат на мала врата да наметнат газда. Го ставаме Езерово на продавање. Сите Јавни претпријатија работат со долгови. Ќе земат тие утре еден кредит од 10 милјони евра од некоја светска банка и залог ќе биде Езерото. Тоа Јавно претпријатие ќе биде предмет на криминали и корупција. Езерото е национално богатство, државно не смее да има газда “, вели Никола Киселинов граѓански активист.

Според него за грижата и заштитата постојат надлежни институции како Завод и Музеј, Хидробиолошки завод и закони кои го штитат Охридското Езеро но истите не се спроведуваат.

„ Министерството за животна средина не е способно да го заштитува Езерото. Има околу 10 закони кои го штитат Охридското Езеро но не се способни да ги имплементираат и измислуваат некој нов закон. Ние бараме функционирање на институциите, ништо друго“, додава Киселинов.

Директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид, д-р Орхидеја Тасевска смета дека во период кога се прават напори Охридското Езеро да го зачува статусот на УНЕСКО, прогласувањето на Езерото како споменик на природата е од големо значење. Според неа на ваков начин управувањето со Охридското Езеро се става во законски рамки.

-„Самиот Нацрт закон предвидува оформување на едно тело кое ќе ги спроведува препораките на менаџмент планот за заштита што досега беше хендикеп а ингеренциите беа префрлувани од една на друга страна, дали локално или на централно ниво. Чинот на управување не е само следење на состојбата и препораки за заштита. Тука влегуваат и административни процедури, стратегија за туризам, комунални дејности. Тоа е комплексна задача. Ние имаме капацитет како научна установа но не и за да се носиме со еден таков предизвик но секако во сите тела кои Јавното претпријатие во одреден пропишан рок ќе мора да ги оформи ќе настојуваме да бидеме вклучени со наши преставници кои би имаме советодавна улога а се надевам дека ќе имаме и право на глас“, вели Тасевска.

Според Васил Анастасовски претседател на Друштвото за заштита на природата на Македонија, Охридското Езеро 20 години нема субјект за управување како би се заштитило едно природно добро со светски вредности.
„Имавме засилена урбанизација, депонии, дивоградби, една хаотична состојба. Предноста сега е што ќе се формира Јавно претпријатие за управување со Охридското Езеро а според законот за природа ќе мора да се формира и чуварска служба“, вели Анастасовски.
Според Нацрт законот Јавното претпријатие заштитата ќе ја спроведува преку мониторинг на состојбата со природните вредности, воспоставување режим на заштита на споменикот на природата, спречување на штетни активности од физички и правни лица, одржливо користење на природното богатство, создавање услови за развој на туризмот во согласност со принципот на одржлив развој, остварување на културни, научни, образовни и рекреативни цели кои во исто време ја одржуваат природната состојба на паркот на природата, проучувања и истражувања, поттикнување на научно истражувачката работа, издавање на информативен и пропаганден материјал како и подигање на јавната свест за заштита на паркот на природата особено во воспитно-образовниот процес.

Нема достапен опис.

Со донесување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата ќе се овозможи зачувување на природната состојба на езерото преку заштита на природните, културните и други вредности како единствена природен феномен во светот, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.
Строго се забранува внесување на алохотни растителни и животински видови во езерото, штетни материи кои би можеле да предизвикаат хемиски, физички, биолошки, микробиолошки и други промени на водата и живиот свет, испуштање на нафта и отпадни масла од пловните објекти, внесување на непрочистени отпадни води од населените места и индустриските капацитети, сечење на стебла, трска и палење оган во крајбрежниот појас на езерото, уништување на природните живеалишта, поставување на капацитети за одгледување на риби за комерцијални цели во водите на езерото, изградба на бетонски и камени ѕидови со кои би се прекинала природната комуникација помеѓу езерото и крајбрежниот појас како и изградба на објекти од траен карактер на 50 метри од крајбрежниот појас.

Нацрт законот за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природата е изработен согласно Студијата за валоризација која ги детерминира природните вредности на подрачјето.

Сузана Вренцовска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани