Новогодишен концерт на „Охридско лето“ со делата на Штраус, Брамс, Калман…

Новогодишен концерт на Оркестарот под покровителство на „Охридско лето“, ќе се одржи на 16 декември со почеток од 20 часот во салата „Билјана“ во хотелот „Метропол“ во Охрид. Под диригенската палка на Бисера Чадловска, ќе бидат изведени дела на Штраус, Брамс, Калман…

Мешовитиот камерен состав под покровителство на НУ „Охридско лето“ за првпат ќе приреди одбрани класични композици кои ќе го збогатат новогодишниот амбиент за охридската публика за несекојдневно уживање.

Од „Охридско лето“ велат дека ваквата новина, со проширување на програмата и надвор од традиционалната рамка, 12 јули-20 август, е на радост на публиката.

Според директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ, „Охридско лето“ како најголема и најзначајна музичко-сценска манифестација кај нас создава можности за уживање на љубителите на врвната уметност преку настани кои пред сѐ ја збогатуваат културната понуда на градот во текот на целата година.

„Реализирањето на настани преку цела година, едно вакво континуирано делување со програмски содржини, се покажа како потреба. Со тоа успеваме да ја збогатиме културната понуда на градот но исто така ги реализираме зацртаните цели, Фестивалот да ја прошири фестивалската програма и во текот на целата година“, вели Поповиќ.

Билетите по 300 денари можат да се набават во Дирекцијата на Фестивалот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани