Наставните програми во својата содржина не ја опфаќаат доволно областа на екологијата, што доведува до негативно влијание врз училишната популација, a тоа индиректно влијае на состојбата на животната средина.
Главната цел на еколошката едукација е да се објасни важноста на еколошкото образование на младите во општеството и да се прикажат слабостите и недостатоците на еколошкото образование во нашата земја, што резултира со недостиг на применети знаења од областа на екологијата.
-Образовниот систем во нашата земја не го промовира доволно значењето на еколошкото образование кај популацијата на учениците од основните и средните училишта. Во таа насока, неопходно е да се направат одредени реформи поврзани со измените и дополнувањата на наставните програми и постојните законски прописи со цел збогатување на наставните содржини од областа на екологијата. Ова може да се направи првенствено преку заеднички напори на наставниците, учениците и релевантните образовни институции, како националните паркови и сеопфатно заштитените подрачја.
Мрежата за искуствено учење (МИУ) е заедница на научно-едукативни установи профилирани во области на природните науки која осмислува и спроведува искуствени воннаставни активности за совладување научни концепти и проблеми за учениците од основното и средно образование во РСМ. Во фокусот на овој потфат од национално значење се популаризација на природните науки, кревање на свесноста за важноста на заштитата на животната средина и намалување на влијанието на климатските промени човекот врз природата, вели Ангела Тасеска еколошки едукар во НП Галичиаца.
Проектот “Мрежа за искуствено учење” го спроведува Македонско еколошко друштво во координација со УНИЦЕФ, а истиот е финансиран од страна на Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (SIDЕ).
Во мрежата за искуствено учење се вклучени 6 институции: Јавна Установа Национален парк Галичица, ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, Едукативен центар за зачувување на природата – Негрево, Народна техника – Скопје и Македонско Еколошко Друштво- канцеларијата во Ресен.
-Искуственото учење е ангажиран процес на учење во кој учениците „учат правејќи“ и размислувајќи за искуството. Најчесто активностите кои се користат се практични лабораториски експерименти, стратегиски игри, игри со различни улоги, теренски истражувања, созадавање или градење како и специјализирани видео игри.
Искуственото учење мора да вклучува: самостојно и насочено размислување и тестирање на тези; можности за учениците да преземат иницијатива, да донесуваат одлуки и да бидат одговорни за резултатите; можности за учениците да се вклучат интелектуално, креативно, емоционално, социјално или физички; а целиот процес треба да овозможи учење за природни појави, последици од различни девувања во приодата, грешки или успеси при истражувањата, додава Тасеска.
Учејќи на овој начин, учениците полесно ја поврзуваат теоријата и знаењата од училницата со ситуации од реалниот свет. Дополнително, тие стануваат и посвесни за сопствените вештини и интереси; различни начини на соработка и комуникација; самодоверба и лидерски вештини.
-За Национален парк Галичица, еколошката едукација е интегрален дел од управувањето и служи за постигнување на целите на управувавањето на истите. За таа цел НПГ оформи и изгради едукативна патека и училница на отворено, за одржување настава во природа под отворено небо и учење за природата. Училницата на отворено е поврзана со едукативната патека и интерактивното доживување на природата долж истата. Едукативната активност „Истажи ја Галичица на дланка“ има за цел да им овозможи на децата кратка прошетка во природа и да им ги доближи поблиску природните и културните вредности во Националниот парк Галичица, преку интерактивни едукативни активности и прошетка по самата патека, велат еколошките едукатори.
Националниот парк Галичица располага со современа опрема која го олеснува искуственото учење, комплетно опремената лабораторија со соодветни нагледни средства е мотив учениците да го посетат паркот и да се впуштат во истражувачки поход на растителниот и животинскиот свет кој го има во изобилство на Галичица.
Во рамки на мрежата за искуствено учење Националниот парк Галичица нуди активности наменети за ученици од 1-во до 9-то одделение, како и активности наменети за средните училишта.
„Млади истражувачи“, „Млади ренџери“ и „Екоамбасадори“ и „Квалитет на воздух“ се работилниците на кои може да се пријави секој наставник или професор со одреден број на ученици и да го посети Инфор центарот на Национален парк Галичица.
Оваа година Мрежата се збогатува со нова компонента загадување, пред се на воздухот и како истото влијае на развојот и опстанокот на живиот свет и човекот.
Активностите започнуваат активно од месец март со навремено пријавување на официлајната веб страна на МИУ .