За два месеци се регистрирани 120 случаи на голема кашлица во Скопје. Поради порастот на заболените, Комисијата за заразни болести денес повторно ќе го стави на дневен ред ова прашање. Не се исклучува можноста за воведување на дополнителни мерки како заштита од болеста, која што се шири пред се меѓу невакцинираните деца.
Станува збор за заразна болест, која се пренесува преку бактеријата бордетела пертусис (Bordetella pertussis). Тоа е инфекција преку капки. Патогените се пренесуваат од едно на друго лице на растојание до еден метар при кашлање, кивање или дури и зборување. И покрај препораките – болеста се шири Првиот случај беше пријавен на 5 јануари. Откако четирогидишно дете беше хоспитализирано на детската клиника во Скопје, Комисијата за разни болести на средината на јануари прогласи епидемија во главниот град. И покрај препораките за вакцинирање на најмладите и за засилени контроли со цел невакцинирани деца да не се згрижуваат во градинките, бројката на заболени и понатаму расте. Така, само во периодот од 23 до 29 февруари, за една недела се пријавени 56 нови случаи на голема кашлица, што е двапати повеќе во однос на претходниот неделен период за пријавување.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавен на 1 март, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје, но заболени има и во Струмица и Дебар. Возраста на заболените се движи од 0 до 70 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10-14 години.
Од новите 56 случаи, 3 случаи (5,4%) се хоспитализирани (2 деца на возраст под една година и едно од возрасната група од 1-4 години).