Каква беше 2018 година анализираат дел од новинарите во Охрид.
Кои се настани по кои ќе ја паметат , позитивни или негaтивни ?
Сашо Митаноски – менаџер и сопственик на Супер Радио
2018-та…Тешка, мачна, неизвесна, непредвидлива… Ќе се сеќаваме на неа по многу настани, за кои доколку некој пред година-две Ви кажеше дека ќе се случат, одговорот секако ќе беше – „Не е возможно“.
Годината ја започнавме со финализирањето на проектот „Охрид во 10“, кој подоцна го издадовме и како книга. Стартуваа дигиталните канали како потврда на заложбата 2018-та да биде година на комплетна дигитализација на радиото, се изработија нови сајтови на информативните портали, официјалната страна на Супер радио доби нов и модерен дизајн, а со видео материјалите кои секојдневно се изработуваат, дигиталната платформа на Супер радио полека ги добива предвидените рамки, процес кој треба да продолжи и во новата 2019-та година. Успеавме да ја одржиме лидерската позиција во својот сегмент веќе полни шест години, што е исклучителен успех за нас.
Имавме многу интересни проекти со дел од најголемите компании во државата, а пред сезоната, ја организиравме и Еко-акцијата „Мој Охрид, чист Охрид“ кога исчистивме голем дел од крајбрежјето, заедно со над 1.200 наши сограѓани и испратиме јасна порака за важноста на екологијата, особено кај најмладите. Помогнавме и во организацијата и промоцијата на еден од најуспешните проекти изминатото лето – NUMB Tribute to Pink Floyd, а во моментов работиме и на промоцијата на концертот на Камелеон во чест на 20 годишнината од нивната кариера.
Еден од настаните во кој помогнавме беше секако и акцијата за собирање на средства за нашата Сара, кога кога го видов мојот Охрид како еден, онака каков што би сакал да го гледам секој ден. Пред Нова година стигна и аберот од Германија дека операцијата е завршена и дека Сара е добро, што и даде посебна убавина на целата оваа акција. Покрај овој, препливувањето на Охридското Езеро на новиот охридски херој Марко Пејчиноски беше настанот кој силно одекна во македонската јавност, но и многу пошироко. Она што сите не остави без текст и во неверување беше секако прераната смрт на првиот човек на Охрид, градоначалникот Јован Стојаноски. Семејството и градот загубија најмногу, загубивме човек кој ќе оставеше свој потпис за годините пред нас. Би сакал најискрено „коцките“ на градот во луѓе, капацитети, интелект, желба и љубов за Охрид, барем уште еднаш да се склопат, но…
На ниво на државата, настани по кои ќе се памети оваа година, секако се Референдумот, Законот за јазиците, „Преспанскиот договор“ со Грција за решавање на спорот околу името. Тука се секако и уставните измени, отворањето на постапката со помош на дел од пратениците кои за едни станаа предавници, за други херои… Натаму спектакуларното бегство на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, притворот на човекот чие име до скоро се изговараше со шепот Сашо Мијалков и уште многу настани, кои, според мене е многу тешко да се посматраат од сегашна перспектива. Ќе треба многу време да помине за да може да се согледаат сите аспекти на настаните кои се случија оваа година, за да може да изградиме реална слика за тековните настани.
За крај би посакал во новава година многу здравје, љубов, работа, насмевки со пријателите, кафиња со интересни луѓе, да научиме да го ценитме повеќе доброто и да го подзаборавиме лошото. Да се биде охриѓанец не е само адреса во личната карта, туку состојба на умот, начин и стил на живот. Неодамна на Facebook прилагодив една мисла на генијалниот Душко Радовиќ и неговата љубов кон Белград, овој пат за нашиот Охрид:
„Кој имал среќа утрово да се разбуди во Охрид, може да смета дека за денес доволно постигнал во животот. Секое понатамошно инсистирање на уште нешто, би било нескромно“. Среќна ви Нова година!
Адријана Митевска – дописник на ТВ 24 Вести
2018та мене ми “летна” во еден миг.Година на турбулентни случки,убави и лоши но сепак прифатливи, надминливи. Имаше од се по нешто.Затоа за мене можеби и најбрзата година до сега.На професионален план работата во Телевизија 24 низ изминатите 365 дена повторно ми донесе нови искуства,познанства,многу снимени материјали, репортажи… А кога ќе се навратам на тоа што ја одбележа годината во земјава тоа за мене е дефинитивно договорот од Преспа и очекувањата од истиот.Во Охрид имаше многу случувања оваа година,од езерска до културолошка бура.А јас како еден од поубавите настани би го издвоила фестивалот Охридско лето, па многубројните вечерни концерти и заедничките дружби со колегите.Но животот многупати неочекувано носи и тага.Годината за градот во кој живеам завршува со една огромна загуба после губитокот на таткото на градот, но и со надеж дека сограѓаните и власта заеднички и успешно ќе го продолжат неговиот аманет,Охрид во иднина да блесне уште повеќе и да се издигне над сите препреки.
На приватен план годината ќе ја паметам само по весели,среќни нешта.Неколкуте патувања,убави моменти,дружба со најблиските и пријателите.И на крај интересна година, а посакувам следната да биде уште погласна,поблескава но пред се да донесе многу здравје,мир,среќа и спокој во секоја душа.Посакувам само насмеани и среќни лица,позитивна енергија и дружба.Многу музика бидејќи некој некаде напишал: ,,Животот е како музика. Има високи и ниски ноти. Без разлика колку високи или ниски можат да бидат нотите, пробајте да ги задржите сите заедно во склад како една прекрасна мелодија.
Најдобрите пријатели никогаш нема да излезат надвор од прекрасната музика на вашиот живот.” Среќни празници за сите читатели на оригиналниот ,,Охрид нет”.
Крсте Голабоски новинар ТВМ Телевизија
2018-та година искрено нема да ја паметам по убави работи, но понекогаш во животот мора да поминеме низ период во кој ќе поднаучиме по некоја лекција, така да и не беше лоша оваа 2018-та. Ќе ја паметам како година на промени. Не знам за другите ама во оваа 2018-та некои лекции одново ги учев, некои ги повторив ама онака темелно, а и со некои за прв пат се сретнав. Дека треба да сум малку повеќе трпелив, дека треба многу повеќе да си посветувам себеси внимание, а тука подразбирам денови само за себе, со многу музика и филм, да не се нервирам и тормозам за разноразни глупости, ама ај да те видам нека ти успее, дека времето поминато со семејството и пријателите е најважното нешто.
Сите верувам ќе ја паметиме оваа година, како и претходните триесеттина по политиката и по убавите работи но и глупостите изречени, направени и ненаправени од страна на политичарите. И годинава, многу неважни луѓе станаа важни или ние сме помислиле дека се важни, некои многу важни пак, за жал ги загубивме. Во Охрид годинава која е зад нас имаше убави и не толку убави работи како и секоја година впрочем, да не се повторувам. Се надевам догодина убавите ќе ги има во поголем број.
Во денешно време и покрај поплуарното верување дека дека сме најубави, најпаметни, највакви, најонакви, мора да научиме да си ги препознаеме сопствените маани и доблести, да имаме реална слика за себе и да се цениме себеси, но тоа да не премине во нарцисоидност или мислење дека сме се’, подобри од другите. Поубаво ќе ни биде.
А, што посакувам во новата 2019-та, само добро здравје за мене и за сите други.
Нина Аритоноска дописник Сител Тв и уредник на „Околу нас“
Турбулентна и шокантна вака би ја дефинирала изминатата година.Колку и да се трудев видувањата да ги започнам со убавите настани сепак во голема мера преовладуваа оние понеубавите .2018 та дефинитивно ќе остане запаметена по силното невреме и поплавите кои го зафатија охридското крајбрежје а потоа и веста за смртта на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски која го потресе целиот град.Како позитивен настан на годината во градот би ги потенцирала хуманитарните акции за спас на младата Сара да замине на лекување во странство.
И покрај тоа што самиот почеток на годината ми беше успешен на работно поле со секојдневни ангажмани во Сител телевизија ,стартот на новиот веб портал Околу нас кој секојдневно ги информира граѓаните за најактуелните случувања од градот и земјата. На личен план патувања со најблиските пријатели и моите два сина Леонид 15 години и Лука 8 години .Сепак крајот на годината одзеде дел од моето срце .На 24 ноември ненадејно почина мојот татко Калин кој беше мојата десна рака во животот ,човек кој секогаш знаеше да ме насочи кон правите вредности во животот ,велејќи ми дека само со труд правдината и успехот ќе си го најдат своето место.
И на крајот останува повторно онаа изрека Секоја Нова година нова надеж. Сврти го своето лице кон сонцето и сите сенки ќе останат зад тебе.
На сите граѓани им посакувам Среќна Нова година многу здравје, љубов и благосостојба.
Даниела Спасиќ – новинар Супер радио
Од другите настаните кои ја одбележаа 2018-та година, пред се на политички план, би ги издвоила средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција во Охрид, потпишувањето на Преспанскиот договор и добивањето покана за членство на земјава во НАТО алијансата.
Доста случувања имаше и во нашиот град. Тука е секако неверојатниот подвиг на нашиот сограѓанин, 12-годишниот Марко Пејчиноски кој на празникот Голема Богородица успешно ги преплива 30-те километри на маратонската патека од Св.Наум до Охрид, за што заслужено ја доби и Повелбата Св.Климент Охридски. Не можам, а да не ја споменам сплотеноста и хуманоста кои ги покажавме на дело за помош на охриѓанката Сара Настеска, за спас на еден млад живот.
Кога сме кај туризмот, пак, светски познати готвачи, носители на престижните Мишелин ѕвезда беа во Охрид, како дел од првата манифестација „Taste Ohrid“, на која приготвуваа нови специјалитети со локални производи.
На личен план имаше доста патувања, убави моменти поминати со најблиските, пријателите и колегите.
Би сакала на крајот на сите читатели на Охриднет, на сите граѓани да им ја честитам Новата 2019-та година, со желби за добро здравје и многу незаборавни моменти на среќа, радост и успех заедно со вашите најблиски. Среќни празници!
Александра Ристоска, долгогодишен новинар
Од Дедо Мраз очекувам година исполнета со здравје, среќа, просперитет и љубов кон моите сакани, да донесе мигови кои подоцна ќе будат само убави спомени.
На старецот со бела брада веќе му се испратени и адресите на моите драги луѓе, така што ми е ветено дека и ним ќе им подари само убави нешта во 2019-тата година.
Исто така, очекувам да го земе стариот куфер полн со солзи и разочарувања и да го фрли во реката на заборавот.
Годината што претстои за сите нека биде година што долго ќе се памети само по убави работи!
Соња Рилковска – уредник на Охриднет , уредник и водител на ТВ емисија „П?АШАЛНИК“
2018 за мене беше тешка, година на промени со безброј предизвици особено на професионален план. После девет години работа како дописник на Канал 5, националната ТВ куќа ги раскина договорите со дописништвата. Но, животот е неизвесно патување… некогаш носи среќа и успех… некогаш тага и пораз.. Мојата кариера во новинарството , што патем е професијата која ме исполнува и прави среќна, продолжи уредувајќи го Охриднет.ком , но и со стартот на новата дебатна емисија, која се емитува на регионалната телевизија ТВМ Охрид. Задоволна сум од досегашните успеси на „П?АШАЛНИК“ и реакциите на јавноста, а особено од менаџерскиот тим на телевизијата каде наидов на огромно разбирање. На личен план годината која измина ќе ја паметам по убавите мигови минати со семејството и пријателите и неколкуте незаборавни патувања во странство.
Настани имаше многу и позитивни и негативни. Не би сакала да набројувам , само ќе ги издвојам највпечатливите за градот Охрид. Настан, што според мене ја одбележа 2018 година во Охрид е хуманоста која го сплоти градот,…. од најмало до најстаро зборувам за „Од срце за Сара“. Настан со кој докажавме дека заедно можеме СЕ` да направиме. Се обединивме, се сплотивме и ја испративме нашата Сара на лекување. Патем ќе посакам од Дедо Мраз што поскоро да оздрави и да ни ја врати дома!
Херој на 2019 година е Марко Пејчиноски, дванаесетгодипното момче кое и покрај здравствените предизвици го преплива Охридското езеро и заслужено доби Светиклиментова повелба.
Најцрниот настан според мене беше ненадејната и прерана смрт на градоначалникот на Охрид проф д-р Јован Стојаноски.
И како што кажал британскиот писател Ц.С. Луис „Никогаш не сте престари за да поставите уште една цел или да соните нов сон“….Да продолжиме напред и да сонуваме нови поубави сни!!! Среќна Нова 2019 година!
