Каква беше 2018 година? Кризна година на политичко поле, стресна во секојдневното живеење…. некому донесе многу среќа и успех… некому тага и пораз…. За 2018 година зборуваат портпаролите – луѓето задолжени за односите со јавноста ….
Перчо Божиноски портпарол на ВМРО ДПМНЕ
Крајот на годината и празниците што следуваат се мигови кога може да се направи поглед на случувањата коишто сме ги постигнале претходно, но и да ги одредиме приоритетите и предизвиците по коишто ќе се движиме и работиме во наредната 2019 година. Професијата учител е благородна професија, која го издигнува човекот на еден висок – хуман пиедестал, како личност со високи морални и интелектуални квалитети. Како професор по македонски јазик и литература, горд на своите ученици – не би ги заменил за ништо на светот. Задоволство и поттик е да сте ментор на ученици со кои се освоени низа награди: благодарница и диплома со Сара Џелили за освоена прва награда од средните училишта на литературниот конкурс од Црвен крст, како и награда од Меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“ со награда „Книжевни Бранови 2018“. Награда за најдобра поетска творба со Сергеј Костовски на литературниот конкурс по повод Св. Климент – Патронот на Охрид. Со Младинската организација две први места и едно трето место на „Образовно Рандеву 2018“. Година на првата генерација матуранти, ракометари и фудбалери од Спортската академија идните македонски репрезентативци. Учество на учениците на летниот камп за македонски јазик и култура „Ја сакам Македонија”. Координатор на проектот од програмата Еразмус+ преку практична обука на учениците во Барселона, Шпанија.
Кога станува збор политичкиот ангажман измина една бурна година на политичката сцена. Како Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид и шеф на центарот за комуникации на партијата преку целата година бевме гласни критичари на власта во интерес на граѓаните и решавање на проблемите, а кога требаше изразувавме и јавни пофалби. Политичкиот натпревар преку прес-конференции, соопшетенија, реакции секогаш се базира на меѓусебно почитување и разбирање, а таквата конструктивност е наш приротет и ќе се следи и во иднина.
Секогаш му се заблагодарувам на Бога и секој ден повторно и повторно за тоа што имам семејство кое е мојот водич и поддржувач во секој можен поглед по патот на животот. Оваа година беше одбележана со 15 години од матура, успешна организација на Третата поетска манифестација „Охридски поетски бисер 2018“, посета на Македонците во Белишта, Република Албанија со група поети и награда за пофалена песна во проектот „Напиши стих, купи кафе” одржан по повод Светскиот ден на поезијата.
Кои настани ја одбележаа годината на локален и национален план?
Охрид и Македонија поминаа една тешка политичка, културна и економска година. Година на премрежја и разочарувања. За жал граѓаните не живеаат воопшто подобро од претходно. Нема никаква реализација на приоритетните и капитални проекти. Се случува национално предавство спротивно на изразената волја на граѓаните на референдумот од 30 септември. Многу ветувања, но без реаализација. Младите се соочуваат со големи предизвици за иднината. Повеќе лоши настани отколку позитивни, година што треба да се заборави и никогаш повеќе да не се повтори на локално и централно ниво. Секогаш треба да е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ произлегува од народот, припаѓа на народот, а народот секогаш победува.
И желби за 2019 година?
Посакувам многу здравје, спокојство, среќа, повеќе радост и поголеми успеси во годината што доаѓа. Да ја победиме темнината којашто надвиснала врз нашата Татковина. ВМРО-ДПМНЕ Охрид да ги искористи сите можни потенцијали за креирање на политики за квалитетен напредок за нашата заедничка цел, за подобар Охрид.
Да се стремиме да ја доведеме нашата морална, интелектуална и физичка природа до совршенство за да можеме да дадеме најголем можен придонес за себе си и за другите. Мора да се присетиме на христијанските вредности на милосрдие, љубов, хуманост и толеранција кон нашите ближни, кон пријателите и нашите сограѓани. Да исчезне омразата и злото, а луѓето меѓусебно да делат љубов, да се поттикнат благородни чувства во душата на секој човек.
Нека се среќни новогодишните празници!
Сузана Вренцоска портапрол на „Охридско лето“
Годинава која изминува ќе ја паметам по многу предизвици, остварени желби, убави сеќавања но и по немилиот настани кој длабоко не потресе сите, ненадејната смрт на нашиот градоначалник. Човек кој го познавав и како мој личен пријател и како пријател на Охридско лето. За жал животот не секогаш е исполнет со радости. Постојат моменти на загуба кои длабоко ќе те потресат оставајќи зад себе само спомени по кои ќе се паметат големите луѓе. Јован ќе остане за сите нас личност кој беше пред се добар, чесен и тродољубив, полн со добрина и човечност без ниту трошка ароганција, ниту надменост во себе. Да се остане на земја, да се остане човек го можат само големите луѓе. Јован беше токму таков- голем човек, нека му е лесна земја.
Што се однесува на мој личен професионален план 2018 година за мене е вредна за паметење. Година која, како в.д директор на уште едно успешно фестивалско издание на Охридско лето, ми измина во макотрпна работа, многу труд, многу откажувања.
Морам да признам дека сум среќна на успехот кој од една страна ми донесе многу повеќе обврски и одговорности но исто така и чест и привилегија да се раководи една вака значајна манифестација. Кога зад себе оставате успешно реализирана работа, кога успешно сте се справиле со сите предизвици, со право можете да кажете дека годината која изминала била за вас успешна година.
Тука секако мислам и на искуството кое го стекнав како прв човек меѓу еднаквите во фестивалот, а тоа е секако почитувањето на вредностите како човечки довербата, разбирањето и почитта, така и професионални меѓу кои најважни се градењето на брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата.
Во тој дел секако сум горда и на успехот што успеавме да обезбедиме средстав од Министерството за култура со што најубавата сцена, Долни Сарај, за многу скоро време ќе добие сосема нов нов лик.
За сите овие успеси секако голем придонес имате токму вие медиумите кои секогаш сте верни поддржувачи на Фестивалот и токму затоа ќе ја искористам оваа прилика да ви изразам огромна благодарност.
На крајот на годината традиционално се сумираат впечатоците, се селектираат настаните кои оставаат белег изминативе 365 дена. Од бројните настани, доколку треба да издвојам некој, според мене сепак тоа би бил големиот подвиг на малиот Марко кој го преплива Охридското езеро. Тоа е мојот херој за 2018 година бидејќи ја подигна свеста за хуманоста и поддршката. Тука секако е и големата акција на нашата Сара која ги сплоти сите како во државава така и надвор од неа. Токму добрите вести кои дојдоа од Германија, каде беше извршена трансплантација на коскена срцевина кај Сара, за мене е најубавата вест во 2018 година.
Среќна сум што оваа година ќе ми остане во сеќавање и по остварување на мојот сон, патување во Дубаи. Низ годините сум посетила прекрасни дестинации, но ниту една од нив нема таков шарм и егзотичност како овој современ светски центар кој во не така далечно минато, пред само 15 години, било мирно, мало и ориентално пустинско место, а денеска ја има највисоката зграда во светот од 830 метри, Бурџ Калифа, хотелот со 7* Бурџ Ал Араб, еден од петте највисоки зданија во светот, кој е изграден на посебен остров, бројни архитектонски чуда изградени во морето, еден од најпознатите острови Палмата кој е во облик на Палмино дрво, најлуксузните резорти, хотели и ресторани, бројни атракции како Сафарито во пустина со возење по песочните дини со џип или камила каде можете да уживате во арапската храна и ориенталниот танц, потоа најголемиот шопинг мол во светот, Дубаи мол, во кој покрај најголемите брендови, има тунел-аквариум како и познатата музичка фонтана која неколку пати во текот на денот импресионира со синхронизираноста на музиката и движењата на водоскоците…
Дубаи ќе го паметам и по медалот кој го освои мојата Стефани на интернационалниот натпревар на Брејнобрејн школата, каде охридските мозочиња се закитија со највисоките признанија но и беа дел од Гинисовиот рекорд за најдолг час по ментална аритметика, со учество на повеќе од 3200 учесници.
Ова дефинитивно е година исполнета со неизмерна радост која ми ја приреди мојата ќерка со бројните успеси, со нејзината упорност, амбициозност, искреност, чесност… Посакувам нејзината насмевка никогаш да не се симне од нејзиното лице.
Нека новата 2019 година за сите нас биде посреќна, повесела, поуспешна исполнета со здравје и љубов.
Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид
Неверојатно брзо помина, би рекол прелета 2018 година.Годината, во која повторно бев во трка со времето и настаните, ми помина со безброј обврски, едукации, нови искуства, нови патувања, нови пријателства, среќни и помалку среќни моменти и не многу нервози.Во 2018 година бев „растргнат“ со професионалните обврски на моето работно место, кон обврските што беа пред мене како претседател на општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот и како претседател на ИПА Охрид во состав на Интернационалната полициска асоцијација секција Македонија, гледав што е можно повеќе да посветам време на семејството и на пријателите. Се обидував секаде да стигнам навреме, посветено работев и соработував со колегите, го давав најдоброто со цел да се задржи високиот степен на професионална транспарентност на Секторот за внатрешни работи Охрид и во „секунда“ да ги подготвам информациите што се важни за граѓаните а кои се однесуваат на работата на полицијата.Секој ден беше исполнет со нови предизвици и нови обврски но и со многу контакти со претпоставените,со колеги, со претставници на други институции и служби,со новинарите и секако со граѓаните.Годината помина и со „украдени“ мигови за кафе муабет и дружба со пријателите и разбирливо, време посветено на семејството.Користев можности и да пешачам, да возам велосипед и да играм пинг-понг.
И ако денеска, на истекот на оваа 2018 година,треба да погледнам назад во изминатите 365 дена и треба да повлечам линија и да направам резиме на направеното на личен, семеен и професионален план, сепак сметам дека имав прилично позитивна година исполнета со многу настани,многу вложена енергија,малку време за одмор но сепак во едно огромно задоволство од она што ми го дава животот,задоволство од сите мали добри нешта и ситници што се случиле,радост од секој добар настан и успех кај моето семејство, моите колеги и пријатели. Среќен сум што и оваа година учествував на маратонот „Охрид трчат“, иако петте километри ги истрчав за 4 минути подолго од она во 2017. Се радував на успесите на охридските ракометари и кошаркари, посебно сум среќен на успесите на нашите ученици и освоени награди на домашни и меѓународни ученички натпревари по математика,информатика и по други предмети,во спортот.Уживава во програмата на „Охридско лето“ и на охридскиот театар, понекогаш и одев на плажа. Ги следев настаните во светот. Вреди да се нагласи што Охрид во 2018 го доби центарот за спасување на планини, се чувствував горд што Охрид ја зголемува листата на авионско поврзување со многу дестинации и што, градот под Самоиловите тврдини има интензивен и богат театарски живот. Ги поздравувам успесите на охридските уметници и спортисти од кои посебно заслуќува почит подвигот на 12 годишниот Марко Пејчиноски кој го преплива Охридското езеро. Бев дел од активностите во Охрид на хуман план и сочувствував со сите непогоди и несреќни моменти од живеењето на градот.Значајно време поминував со членовите од општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата со цел реализација на едукативни кампањи за безбеден сообраќај наменет за најмладите и за сите останати граѓани, за подигнување на свеста и совеста и на сообраќајната култура за поголема внимателност во сообраќајот.
Оваа година патував во Хрватска и Унгарија, го посетив Загреб и Будимпешта, се дружев со колеги од Интернационалната полициска асоцијација во Ниш и бев на конгресот на Грчката секција на ИПА, што се одржа на островот Крит. Поминав прекрасно и незаборавно, научив многу, стекнав нови знаења, нови погледи, нови можности и нови пријателства.Му благодарам на Господ за сите убави мигови годинава и затоа велам задоволен сум од она што ми го дава животот, задоволен сум од сите мали добри нешта и ситници, се радувам на секој добар настан и успех на моето семејство, колегите и моите пријатели.Пред календарот да ја означи Новата 2019 година, пред социјалните мрежи да се преплават со пораки, пред мобилните оператори да се „загушат“ од повици, драги охриѓани, драги граѓани, искрено Ви посакувам среќна,прекрасна,безбедна, просперитетна и бериќетна Нова 2019 година.Ви посакувам здравје, затоа што здрав човек е среќен човек, Ви посакувам љубов, меѓусебно разбирање, успех на личен, семеен и деловен план, мир и среќа.Се најдобро.
