Три и пол илјади ковид позитивни пациенти изминатава година се лекуваа во Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ во Вевчани.
Здравствената установа покрива 30 000 пациенти, на потегот од Велешта до општина Дебар.
Најтешкиот удар беше во првиот бран, лани во март, кога за разлика од останатиот дел од земјава, имаше масовно ширење на висусот во селата Лабуништа, Подгорци и Боровец.

„Повеќе од една година сме во вонредна состојба. 3500 ковид позитивни пациенти поминаа низ нашата установа, за нас тоа првенствено беше една голема обврска кон пациентите, второ максимална искористеност на здравствените капацитети, како кадровски, така материјални и технички , во секој поглед. Сетам дека успеавме да се избориме со ситуацијата и да ја држиме под контрола“, вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом Вевчани.

Самоиницијативно Здавствениот дом направи дневна болница за лекување на ковид позитивни пациенти една во Вевчани и уште една во село Лабуништа.
-„Тоа го направивме да го олесниме третманот на ковид позитивните пациенти. Негата да ја добиваат тука , да не мора да одат на Интерното одделение во Струга“, појаснува Стојкоски.
Здравствениот дом во Вевчани функционира како поликлиника, централата е во Вевчани, но има и две поликлиники во Лабуништа и Велешта. Покрај Итна мецинска помош, има развиена биохемиска лабараторија, рентген дијагностика со мамографија, интернистичка служба, кардиологија, оториноларингологија, кабинет за физикална терапија, ургентна медицина и педијатар.

-„Покрај ковид болните во Здравствениот дом редовно изминатава година можам да кажам дека гравитираа од 10 000 до 15 000 пациенти во време на пандемија. Ние непречно работевме, без пауза и без затворање. Сите пациенти ја добија навремено потребната здравствена услуга“, вели Стојкоски.
Граѓаните за возврат на здравствените работници, им се оддолжија преку голем број донации. Огромен број на компании и поединци во време на пандемија го поддржаа Здравствениот дом во Вевчани.
„Морам да напоменам дека поединци од целиот овој регион даваа огромни донации со што ни пружија голема поддршка и ни овозможија полесно да се избориме со финансиските трошоци кои ги имавме. Секако мора да кажеме дека поддршка имаме и од министерството за дравство и Фондот за здравствео осигурување бидејќи имаа сенс за тошоците кои ги направивме. И морам да потенцирам дека оваа година ја завршивме во една солидна состојба односно Здравствениот дом Вевчани во моментов нема активен долг“ , потенција Стојкоски.
За квалитетната услуга зборува бројот на пациенти, кои во Вевчани доаѓаат од целиот Југозападен регион во земјава. Последниот период најактуелни се серолошките тестови за антитела, кои во Вевчани се по најпристапна цена.

„Ние сме јавна установа во интерес на граѓаните не одиме со заработка. Во процесот на јавни набавки имаме постигнато релативно ниска цена и кај нас се доста поевтини бидејќи не сме профитна организација. Доаѓаат пациенти од Струшко, Охрид, Дебар, Кичево, Ресен, така да добар дел од Југозападна Македонија цела, голем број на пациенти имаме од овој регион“, вели Стојкоски.
Епидемиолошката слика во Вевчани е стабилна , моментално има само 10 заболени пациенти. Се трошат последните залихи од добиените вакцини, но интерес за имунизација има само кај вевчанци. Жителите од околните села, Велешта, Лабуништа, Татеши, Добовјани, Подгорци и Октиси не се вакцинираат.

„Апелирам граѓаните од околните населби да се вклучат во овој процес затоа што интересот таму е многу мал. Скоро 90 проценти од вакцините ги дадовме само во Вевчани. Само со масовната имунизација се очекува бројката на новозаболени да се сведе на минимум“, вели Стојкоски.
