Охридското востание преставува настан кој е многу значаен за локалната а со тоа и за националната историја.
Но до ден денес овој настан изобилува со огромен број неоткриени работи и факти а со нивно просветлување се повеќе би се дообјаснило и значението на самото востание.
ИМЕТО на востанието е една од дилемите кои преовладуваат сиве години. Во 2013 година на научниот симпозиум кој се одржа во Охрид и Дебар а на кој учествуваа најеминентни историски имиња од македонска и албанска националност по повод стогодишнината од Охридското востание имаше повеќе дилеми и предлози за конечен начин на НАЗИВ/ИМЕ на самото востание. За жал и покрај неколкуте обиди за конечно решение за именување преку предлозите како Македонско – Албанско востание; Македонско; Албанско (бидејќи учествувале и македонци и албанци), Охридско (бидејќи главното упориште и центар на востанието бил градот Охрид), Дебарско (бидејќи таму започнува и е прв ослободен град), Септемвриско (бидејќи се одвивало во месец Септември 1913 година) и сл. не се дојде до заедничко решение, па ние историчарите продолживме да го ИМЕНУВАМЕ со било кој од горенаведените називи. Мора да се потенцира дека и самите револуционери и учесници во ова востание го нарекувале различно. Така Петар Чаулев во своите спомени ова востание го нарекува со изразите „македонско-албанско востание“ и „Востание во Македонија против Србите“, додека пак Петар Шанданов востанието го нарекува т.н„ албанско востание“, пишува др Никола Мировиќ од Охрид познат историчар.
ПРИЧИНИ за кревање на Охридското востание има повеќе но како најзначајна е разочараноста од Букурешкиот договор 1913 година со кој Македонија е територијално поделена од нејзините соседи. Имено на 11 август 1913 година, само два дена по потпишувањето на Букурешкиот мировен договор, ЦК на ВМОРО во чиј состав бил и охридскиот револуционер Петар Чауле,в одржал советување на кое биле донесени решенија за обединување на сите дејци и за поведување на дипломатска и оружена борба се со цел ревизија на Букурешкиот договор. Освем превземање на дипломатска и оружена борба се изменила и стратегијата за војување преку атентати и организирања на востанија. Како друг заклучок било склучување на контакти со албанскиот комитет за заеднички дејствија против Србите и Грците. Токму таков контакт се направил од 12-17 август 1913 година во Елбасан помеѓу преставникот на ВМОРО – Петар Чаулев и преставникот на Албанскиот револуционерен Комитет Сефедин Пустина каде бил донесен заклучок за кревање на заедничко востание во месец Октомври 1913 година.
Репресиите кои ги правеле Српските окупаторски војски врз месното население од македонска, албанско, турска и др. националност секако дека било исто така причина за ова востание. Имено Петар Чаулев во едно интервју за софискиот весник „Камбана“ ќе каже: „Причините за востанието се безброј, Србите се модерни варвари во Македонија. Затворањето и тепањето се најобично нешто. Честа, животот и имотот на народот се во нивни раце. Токму тоа е и причината за идејата да се дигне заедничко востание против српските поробувачи.“
Да не се заборави фактот дека 1912 година на Балканскиот полуостров е формирана Албанската држава од која повеќето албанци учесници во востанието се надевале на помош и во воен и во финансиски начин. Но според мемоарите на Милан Матов албанската држава останала неутрална со оглед дека кога во Валона било побарано мислење од Претседателот на Владата, Исмаил Кемал бег, тој истакнал дека доколку се испраќаат вооружени чети од територијата на Албанија кон соседните држави албанска држава како млада држава грубо би ги нарушила меѓународните договори и права а тоа би можело да значи и евентуална војна за која Албанија не била спремна.
Повод за кревање на ова востание била една непредвидена случка, со што ќе започне востанието на 7ми септември 1913 година. Имено, на 5ти септември, попладне, во Долен Дебар синот на еден албанскиот првенец Селман Али при една расправија во еден дуќан бил убиен од група српски војници и офицери. До вечерта веста за убиството на младиот Албанец се раширила по целата околија а таткото на убиениот, Селман Ага во момент на очај и во желба за одмазда набргу собрал околу 300 души од своите приврзаници и на 7ми септември го нападнал дебарскиот одред од 200 српски војници со што започнало востанието.
Хронологија на настаните во Охридското востание:
-8ми септември градот Дебар е завземен од востаниците и протерани се српските војски..
-12 септември во утринските часови Петар Чаулев со востаничките чети влегува во Охрид и се протеруваат српските војски. Тука е формирана привремена власт на слободната територија на чело со Лев Огненов. Вечерта на 15 септември водачите на четите заедно со видни граѓани одржале заседание во Текето, при што целиот град се прогласил за револуционерен центар (поради што најчесто се именува и востанието како ОХРИДСКО) без разлика на вера и националност а за главен командант на сите револуционери бил избран Петар Чаулев. Според пишувањата на Чаулев бројот на востаниците изнесувал 4000 души.
-17 септември завземен градот Кичево од страна на востаниците и протерана е српската војска.
-18 септември градот Дебар бил блокиран од три страни од страна на српската војска и набрзо повторно бил завземен од нивна страна.
-18 септември бил завземен и градот Кичево од страна на српските војски.
Вечерта 17 наспроти 18 септември 1913 година српската војска се упатила кон Охрид и покрај силниот отпор на востаниците градот Охрид бил завземен на 18 септември 1913 година.
Репресии врз месното население од страна на српската војска во Охридско:
Во Охридската околија биле опожарени над 30 села. Според Карнегиевата комисија во Охрид биле убиени тројца свештеници, петмина учители и околу 200 селани и граѓани а 150 млади луѓе биле уапсени. За злосторствата на српските војски, Петар Шанданов во своите спомени пишува: „Во тие денови с. Велгошти, Охридско, Србите извршија големи ѕверства над селаните, многумина од нив убија и на тој начин ги открија Димитар Иванов и Христо Бајрамов и водејќи ги кон градот ги убија по патот. Тие дејствија на Србите го фрлија во паника целиот град. Убија без суд некои граѓани и селани што беа фатени првите денови и дел од нив беа фрлени во затворот при Околиската управа.
Значението на востанието е пред се да се истакне неправдата кон Македонија и негодување кон Букурешкиот мировен договор и истакнување на македонското и албанското население кон новата окупаторска власт во Македонија. Непосредно по востанието ваква констатација изнел и војводата Петар Чаулев при разговорот со рускиот дописник од Балканот Леонид Неманов дека востанието била категорична реакција на населението во Македонија Востанието преставувало предупредување кон Европа ако не биде ревидиран Букурешкиот договор и не и се даде самоопределување на Македонија оружената борба ќе биде единствено средство против новите власти. Се разбира значаен е и фактот дека преку ова востание на македонците и албанците се вознемирила Српската влада бидејќи таа со сите можни средства им докажувала на големите сили дека овој регион наводно живееле само срби. Создавањето на ваквиот сојуз помеѓу македонците и албанците преставувал сериозен удар на завојувачката и асимилаторска политика на Српската буржоарска влада.
автор
Д-р Никола Митровиќ – Бабе