Политичка препирка. СДСМ со низа обвинувања за новиот состав на ОК на ВМРО ДПМНЕ, а ВМРО ДПМНЕ возврати со писена реакција.
-„Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Охрид ја испушти најдобрата шанса за демократизација и суштинска реформа на партијата.
Сметаме дека во најмала рака е иронично во соопштение со наслов “Нов состав на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид” да се појават вакви имиња. Дел од нив, нема да посочуваме бидејќи граѓаните најдобро ги препознаваат, се докажани следбеници на погубната и поразителна политика на Груевски и фамилијата. За дел, во тек се кривични постапки, а најголемиот дел се роднини и блиски пријатели на исвиркани политички моќници од централата кои очигледно не планираат да се откажат од влијанието во донесување на партиските одлуки по општинските комитети.
Жално но вистинито, овие промени многу наликуваат на фиктивните кадровски “реформи” на Груевски кои го доведоа на буништето на македонската политика.
Да нема недоразбирање, за СДСМ Охрид како политичка партија се добредојдени ваквите потези на опозицијата. Меѓутоа се штетни за државата. Најискрено се надевавме на една реформирана, конструктивна опозиција која ќе се врати на својата идеологија и идеолошки заложби од времето кога ВМРО ДПМНЕ беше политичка партија, а не продолжување на криминалното здружение кое го формира Груевски“, стои во писмената реакција на ОО на СДСМ Охрид.
Од ВМРО ДПМНЕ возвратија:
-„Во недостаток на идеи, визија и концепт како да се води Охрид, СДСМ Охрид си зема за право да кометира состојби и кадровски решенија во ВМРО-ДПМНЕ.
Разочарувањето на граѓаните од вашата антологиска неспособност и неукост не можете да го прикриете со евтино и провидно политикантство, навреди, некултура… ВМРО-ДПМНЕ Охрид нема да паѓа на Вашето кочишајко ниво на комуникација туку напротив со факти и докази ќе ги разобличува секојдневно вашите погубни политики и промашувања.
Почитувани господа од СДСМ Охрид,
Конечно време е да почнете нешто да работите. Некако ветениот живот за граѓаните на Охрид никако да дојде. Поминува нешто повеќе од половина година откако ја имате целокупната власт во Охрид.
Ниеден проект!
Ништо не реализиравте!
Ниеден започнат проект!
Од тоа треба да се срамите и Вашите кадри кои се плаќаат со пари на граѓаните треба да ги прашате што работат и зошто ги нема на нивните работни места?
Наместо да работите на проекти, Вашата главна реченица се кривични пријави и кривични постапки! И тоа какви? Без ниту еден аргумент во нив, нарачани директно од вашите партиски кујни. Познат е Вашиот стил!
Но, Ве прочитавме и ние и граѓаните и не се плашиме! 2 јуни е денот кога ќе започне Вашето заминување од власт! Онака како што Ве инсталираа, македонскиот народ ќе Ве деинсталира! Македонија повторно ќе победува и повторно ќе зборуваме за проекти и развој!
Тимот на ВМРО ДПМНЕ е силен, обединет и во себе носи силна желба и мотив за нови победи. Тоа ќе Ви го докажеме на следните избори кога и да се, кога катастрофално и ќе Ве победиме, Вас и вашите штетни политики!
И за крај дојде животот! Но не за сите! Ги опфати само неколку фамилии и лични пријатели од Охрид кои се вдомија или унапредија во рамки на администрацијата и секако животот не запрел за фамилијата Заеви и нивните милионски бизниси за кои секојденвно јавноста дознава!
Почитувани од СДСМ Охрид,
Ве советуваме да не го трошите времето на банални соопштенија, зошто на наше огромно жалење го трошите времето и трпението на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ Охрид порачува на поголема култура во понатамошната комуникација“, стои во писмената реакција на ОК на ВМРО ДПМНЕ.
