На највисоко државно и локалоно ниво со бројни културни, научни, академски образовни и спортски настани ќе се одбележува еден милениум од постоењето на Охридската Архиепископија.
Претседателот на државава, Владата, Македонската филхармонија и општина Охрид се главни поддржувачи на активностите на Македонската православна црква за одбележување на еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ.
Централната свеченост ќе се одржи утре – 27-ми и 28-ми мај во Охрид, каде е се` подготвено, ова милениумско чествување да помине достоинствено и во духот на универзалните хуманистички дејности.
На централната свеченост со пригоден концерт ќе се приклучи и Македонската филхармонија. Ќе настапи камерниот оркестар во придружба на хоровите од братството на манастирот Рајчица и Св. Јован Бигорски. Диригент ќе биде Борјан Цанев, а ќе се изведат композиции со тематика од македонските тропари.
На 27 мај во црквата Св. Софија ќе се случи свечена академија по повод јубилејот под покровителство на Претседателот на Р. Македонија каде свои пригодни обраќања ќе имаат државниот и црковниот врв. Наредниот ден, 28 мај ќе се одржи литургиското чествување коешто ќе биде соборно, а ќе чиноначалствува Поглаварот на Македонската Православна Црква во сослужение на сите членови на светиот архиерејски синод со сите свештено служители и монаштвото на МПЦ.
За одбележување на големиот настан 1 000 години од основањето на Охридската архиепископија, Охрид очекува бројни гости од земјава и странство.
