Според податоците на Државниот завод за статистика, во I тримесечје од 2018 година, активното население во Република Македонија изнесува 956 640 лица, од кои вработени се 749 892, а 206 748 лица се невработени.
Стапката на активност во овој период е 56.9, стапката на вработеност 44.6, додека стапката на невработеност изнесува 21.6. Пелагонискиот регион има највисока стапка на слободни работни места повеќе квартали наназад. Тоа се 3.15 % во првото тримесечје од 2018 година или 2.35% во последниот квартал лани, може да се забележи од податоците на Државниот завод за статистика.
Во бројки ако во овој регион во првиот квартал годинава имало 44 702 пополнети работни места, бројот на слободни работни места бил 1 453. Само во вториот квартал лани има отстапување, и наместо пелагонискиот, југозападниот регион имал најголема стапка на работни места.
Според последните податоци, на ниво на држава, стапката на слободни работни места изнесува 1.68 %. Највисока стапка на слободни работни места има секторот Л – Административни и помошни услужни дејности – 4.25%, додека најмала е стапката во секторот Љ – Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување, каде што изнесува 0.20 %.Деловните субјекти со број на вработени од 3 до 9 имаат највисока стапка на слободни работни места која изнесува 1.91 %. Најголем број слободни работни места, односно 2 929, има во петтата група занимања – Работници во услужни дејности и продажба.
