Охрид и Струга се меѓу општините во земјава кои бараат помош за смалување на долговите.
Под наслов „Долгот на општините од 250 милиони евра галопирачки расте“, порталот mkd.mk прави осврт на задолженоста на општините во Македонија. Во прилогот поместени се информации што порталот ги добил од Одделот за односи со јавноста на Општина Охрид и од изјавата на струшкиот градоначалник.Во врска со тоа, порталот пишува:Исто така, и Општина Охрид е една од рекордерите во Македонија во поглед на сумата на вкупниот долг, за кој што дури и не се знае во овој момент колкав е-според одделни официјални информации тој изнесува 719 милиони денари, или околу 11,7 милиони евра, но неофицијалните и сепак попрецизни сознанија укажуваат дека долговниот товар на општина Охрид се искачува некаде до 30-33 милиони евра. Оваа единица на локална самоуправа цели дваесеттина година функционира со блокирана сметка.МКД.мк побара информација од нејзиното раководство како настанал долгот. Во писмениот одговор добиен од Одделот за односи со јавноста на Општина Охрид се наведува: „Првите проблеми и задолженоста на Општина Охрид започнаа со изградбата на колекторскиот систем, кој беше проект на државата. На крај финансиските обврски паднаа на товар на општината. Како резултат на тоа во 1995 година беше донесена пресуда, со која општината е задолжена да му исплати на градежното претпријатие ’Гранит’ 183,5 милиони денари. Врз основа на оваа пресуда во 2001 година е донесено првото извршно решение, со кое се блокира сметката и од таа година општината функционира со блокирана сметка. Изградбата на спортската сала ’Билјанини извори’ во Охрид е товар, кој исто така падна врз Општина Охрид. И за овој проект во 1999 година е донесена пресуда, со која општината е задолжена да плати 87 милиони денари. Поради овие блокади, општината работи во услови на финансиска нестабилност и без можност редовно да ги сервисира финансиските обврски. Оттука произлегува и проблемот со законските задржни каматни стапки, кои општината е обврзана да ги плати. Тие каматни стапки предизвикуваат задолженоста постојано да расте.“
Уделот на каматите во долговното бреме е голем проблем и за соседната „езерска“ локална самоуправа – Струга. Според Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга, нејзиниот долг изнесува околу 7,5 милиони евра.
„Од нашиот вкупен долг околу 30 проценти отпаѓа на каматите. Потоа, долгови има и од училиштата за струја и нафта, за превоз на учениците, дел произлегува и од инвестиции во училиштата. Ние како општина не можеме сами да го исплатиме овој долг, затоа ја повикуваме Владата да ни помогне со навестениот кредит од 120 милиони евра“, вели Мерко за МКД.мк.
Слично како и за Струга, и од општината Охрид доаѓа ист одговор на прашањето на МКД.мк дали може и како со сопствени сили да се разреши долгот.
„Општина Охрид не може сама да го елиминира нивото на задолженост, поради континуираниот зголемен долг и генерираните нови каматни стапки. Општина Охрид не може сама да се задолжи на финансискиот пазар, поради тоа што нема кредитор кој би финансирал вакви биланси. Затоа е потребна интервенција од државата, која би се јавила како гарант за ваквото задолжување. Задолжувањето со долгорочен кредит по светски услови би ја прекинало оваа спирала за растење на долгот“, се вели во споменатиот писмен одговор од охридската локална самоуправа.Вкупниот долг на сите 80 општини во Македонија на почетокот на декември лани изнесуваше 250 милиони евра, како што соопшти тогаш премиерот Зоран Заев на еден форум на градоначалници во Струга. Владата сега презема активности да се согледа вистинската задолженост на општините, која е несомнено поголема.
Вкупниот долг на сите 80 општини во Македонија на почетокот на декември лани изнесуваше 250 милиони евра, како што соопшти тогаш премиерот Зоран Заев на еден форум на градоначалници во Струга. Владата сега презема активности да се согледа вистинската задолженост на општините, која е несомнено поголема.
Извор:mkd.mk
