Охриѓани ќе почекаат катна гаража. Изминатите години само се најавуваше изградба на гаражи, но не е изработена ниту една студија.
Општината размислува за изградба на катна гаража, но за таквите проекти, според првиот човек на градот потребно е време, детална сообраќајна студија и избор на адекватна локација.
-„Тоа се стратешки проблеми, кои се акумулирале со години и тоа не се решава преку ноќ Гледате дека и со една промена во начинот на паркирање имаме бурни реакции. Особено кога треба да донесеме стратешка одлука каде ќе биде лоцирана катната гаража сепак ќе мора да ја донесеме врз основа на сообраќајна студија која досега не е изработена“, изјави градоначалникот Јован Стојаноски.
Според градоначалникот ќе мора да се направи и детална анализа за исплатливост на катната гаража бидејќи тоа, според него е голема инвестиција.
„ Мораме да водиме сметка за исплатливоста на таа катна гаража затоа што не сакаме како општина да предизвикаме нова задолженост, нов загубар и на крајот да имаме почитување кон ЈП „Билјанини извори“ за да не го доведуваме во дополнителни долгови. Меѓутоа и катната гаража и секаде во светот е најскапиот начин на паркирање најскап и во поглед на инвестиција и во поглед на цената која се наплатува,. Затоа што не ќе можат граѓаните не сакам да ги навредм како сега што прават плаќаат еден час а го користат паркингот три саати“ , додава Стојаноски.
Изминатите години како се менуваа челниците во општината така се менуваа и плановите за изградба на катна гаража. Како локации се споменуваа старата автобуска станица, паркингот позади „Ривиера“, паркингот пред Горна Порта. Со леснотија се најавуваа и подземни гаражи и паркинзи под нивото на езерото, нивниот број достигна до пет на разни локации во градот, но за жал до ден денешен не се изгради ниту една гаража.
Според добрите познавачи токму само катна гаража која би обезбедила околу 500 паркинг места ќе стави крај на сообраќајниот хаос во градот, особено во сезона кога бројот на автомобили во градот е трикратно поголем.
Соња Рилковска
