Главна сестра Елена Лазареска од нефрологија: Со пациентите ја делиме и маката и тагата

Главна сестра Елена Лазареска од нефрологија: Не` растажува секој изгубен живот.

 Една година пандемија, една година  работа под  посебни протоколи за  грижа на пациентите со  бубрежни заболувања, кои се  поризична категорија.  И покрај пандемијата сите оддели во ЈЗУ Специјализираната болница за нефрологија Струга  работеа без никаков прекин.

Вирусот  докажа дека е најголемото зло на веков. Историјата не памети ваква здравствена криза. Се шири брзо и  еве не пред трет силен бран.

Најважно е максимално  да ги почитуваме препораките за сопственото и колективното здравје , апелира Елена Лазареска главна сестра во ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија Струга.

-„Тешко е многу, минавме пеколна година. Страв, умор, постојан притисок. Сите сме во оваа битка.   Заштитната опрема е посебен  терет. Персоналот кој влегува во ковид одделението не може да излезе минимум четири часа. Нема пауза  во тој период , не можат ниту  на итен  телефонски повик да одговорат“, појаснува Лазареска.

Во засебни делови , изолирано се лекуваат  ковид позитивните пациенти кои се на хемодијализа, а доаѓаат од целиот регион.  Во струшката нефрлогија  во време на пандемијата  до јануари годинава  се лекуваа вкупно  76  пациенти позитивни на корона вирусот  од нив за жал  20  ја загубија битката.  Во моментов има само еден пациент со корона,  битолчанецот кој се врати од Занзибар и тој се опоравува и се надеваат дека набрзо ќе го испратат дома.

„ Не растажува секој изгубен живот. Сочувствуваме и со пациентите и со нивните семејства. Верувајте ја делиме и тагата и болката“,раскажува Лазареска.

Над сто  пациенти редовно  болнички  користат хемодијализа , над   15 000 хемодијализи се направени во време на пандемијата , месечно се вршат и по   700 прегледи.  Високите  бројки  се доказ за хуманоста на здравствените работници.

Грижејќи се за здравјето на пациентите од корона вирусот  заболеа вкупно 48 здравствени работници  од болницата. Повеќето го поминаа во домашни услови,  но имаше  и неколкумина кои  беа во потешка состојба и беа хоспитални во  болницата.  За среќа сите се опоравија.

На здравствените работници во болницата за нефрологија денот им почнува од 8 часот со редовен работен состанок на кој што се делат задачите на вработените.

„Прво имаме утрински состанок на кој се собираат сите лекари и јас како претставник од сестрите. Се чита рапортот од минатиот ден и ноќта и се дискутира  за секој пациент засебно.На состанокот секој добива работни задачи. Оттаму јас им ги делам обврските на сите сестри по оддели и така започнува работниот ден. Секој има свои задачи, тоа ни е рутина“, вели Елена Лазареска.

Во болницата има  одделнија за  нефрологија,  микробиолошка лабараторија, инфектологија, ренген, физикална терапија и урологија.

 -„ Можам да кажам дека сите одделенија работеа непрекинато изминатава година со заштита со сите протоколи. Имаме заштитна опрема која ја користиме рационално. За потребите во пандемијата оспособени се засебни простории со УВ ламби  за дезинфекција на опремата“, додава Лазареска.

Болницата има  и  сопствен  Музеј  во кој се чуваат сите видови апарати за хемодијализа кои ги имала и работела  болницата изминативе децении. Денес тие се вредни експонати, служат за едукација и спомен , а  болницата располага си најсовремени апарати за дијализа.

ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија е  прогласена за најуспешна  болница  во 2020 година, во неа  денес има 240 вработени здравствени работници.

 Видео:

Текстот е изработен во рамките на  кампањата  „Здравствените работници се нашите херои – со нив се гордееме“, како поддршка во најголемата  здравствена криза во историјата. 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани