Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а на повисоките места во западните делови има мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража, додека на планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Од Автомото сојуз на Македонија препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде постои можност од појава на одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на кракот Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за автобуси, додека за останатите видови возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Надлежните апелираат возачите да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките со цел безбедно одвивање на сообраќајот.
