Стотици кучиња и мачиња се спасени и вдомени во европски земји, но улиците во Охрид и натаму се полни со бездомни животни. Некои граѓани ги хранат и се грижат за нив, додека други ги бркаат и повредуваат. Проблемот со бездомните животни со години останува актуелен, а и покрај програмите за стерилизација и напорите на активистите, бројот на кучиња на улиците не се намалува.
Волонтерите посочуваат дека главната причина е неодговорното сопствеништво, односно напуштањето на домашните миленици и оставањето нови легла на улица.
Активистите од здружението „Susan’s Rescue Dog House“ веќе пет години активно работат на спасување, лекување и вдомување на бездомни кучиња и мачиња.
„Еве, веќе пет години активно волонтираме за подобрување на состојбата со бездомните животни, но резултатите, за жал, не се гледаат. За овие пет години сме вдомиле околу 400 кучиња, спасени од улица. Сите тие кучиња се вдомени во Англија, во делови од Европската Унија – во Белгија, Холандија и Германија. Значи, 400 кучиња сме тргнале од улиците, но за жал ситуацијата е иста, дури можам да кажам и дека тапкаме во место“, вели Маја Коваческа, активист од „Susan’s Rescue Dog House“.
И покрај овие бројки, состојбата на терен останува речиси непроменета. Активистите велат дека проблемот не може да се реши само со волонтерска работа, туку е потребен системски пристап и конкретни мерки од институциите.
„Тоа е државен проблем. За да се подобри ситуацијата со бездомните животни треба да се преземат конкретни мерки од државата. Ако не почнат да функционираат казните и законите да се применуваат, ситуацијата никогаш нема да се реши во нашата земја. Имаме пример од многу држави кои го решиле овој проблем. Не се решава преку ноќ, но ако уште од утре се почне, ќе направиме чекор напред“, вели Коваческа.
Според активистите, програмите за стерилизација се позитивен чекор, но недоволен за значително намалување на бројот на бездомни кучиња. Дополнителен проблем е што недостигаат организирани програми за стерилизација и на мачките.
„Имаме делумна соработка со општината, можам да кажам дека постои одредена поддршка, но тоа не е доволно. Многу мал дел од кучињата се опфаќаат со програмата за стерилизација, хуман третман и потоа враќање на улица. Тоа не е ни десет проценти од кучињата што се на улица“, вели Коваческа.
Според волонтерите, клучот за решавање на проблемот е задолжително чипирање и стерилизација на домашните миленици, како и строги казни за неодговорните сопственици.
„Мора да има задолжително чипирање и стерилизација за сите домашни животни, освен за оние кои се регистрирани за размножување, но и тоа да биде строго контролирано. Да се знае каде завршуваат тие кучиња и ако некое од нив се најде на улица, тогаш да настапат казните. Кога ќе почнат да функционираат казните, тогаш ќе се намали и бројот на напуштени животни“, додава Коваческа.
Кога се зборува за проблемот со бездомните животни, најчесто во фокусот се кучињата. Но активистите предупредуваат дека состојбата со уличните мачиња е исто така алармантна. Тие ги има во огромен број, често се болни, гладни и изложени на опасности, а во исто време остануваат речиси невидливи за општеството. Неопходно е да се воведе програма за стерилизација и кастрација и на мачките, како единствен хуман начин за намалување на нивниот број и спречување на нови легла на улиците.
Покрај законите, активистите сметаат дека е потребна и поголема едукација на граѓаните, особено на децата, за одговорното однесување кон животните.
Новинар: Соња Рилковска
