Во Бигорскиот манастир од 30 август до 4 септември се одржа седмата Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“, во организација на Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија на науките и уметностите.
Овогодишното издание беше посветено на Петре Р. Коловски (1931–2025), последниот зограф од старото поколение на дебарско-мијачките зографи.
Во рамки на школата беа презентирани научни истражувања, а учесниците реализираа и теренски посети на цркви и манастири во Мавровскиот, Дебарскиот и Малореканскиот регион.
Свое излагање имаше и Катерина Велкоска, кустос историчар на уметност од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Таа ја претстави досега непознатата икона на Дичо Зограф, откриена во црквата „Свети Атанасиј“ во село Октиси.
Школата претставува значаен придонес кон истражувањето, документирањето и афирмацијата на богатото културно и уметничко наследство на мијачкиот и дебарскиот крај.




