Со музика, театар, спомени и средба на повеќе генерации, во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид беа одбележани 30 години од имплементацијата на програмата ЦКА-ПХВ на локално ниво и 30 години од постоењето на Клубот на млади при Црвен крст Охрид.
Јубилејот беше посветен на генерациите волонтери кои низ годините реализирале активности насочени кон помош на заедницата, хуманост и младински активизам.
На настанот беше направена ретроспектива на почетоците и развојот на Клубот на млади, а за своите искуства и предизвиците во првите години говореа Сашко Георгиески, првиот претседател на Клубот на млади, и Мимоза Ставрева, првата потпретседателка, која денес е секретар на Црвен крст Охрид.
За значењето на младинскиот активизам и поддршката за младите се обратија и Весна Терзиоска, претседателка на Црвен крст Охрид, и Перчо Божиновски, претседател на Советот на Општина Охрид.
Прославата беше збогатена со театарската претстава „Еден мал чекор“ на „Вдиши Театар“, како и со музички настап на бендот на Клубот на млади.
Од Црвен крст Охрид порачуваат дека 30 години Клуб на млади се три децении исполнети со волонтерство, иницијативи, пријателства и активности преку кои младите активно придонесуваат кон похумана заедница.



