„Македонецот“ – приказна за детето од Шештево и трагичната судбина на децата бегалци

Како дете, Мито Алексовски бил принуден да го напушти родното Шештево во Костурско и заедно со други деца да замине во неизвесност, далеку од семејството и домот. Животот го продолжил во Полска, но траумата и спомените ги носел со себе до смртта. Не добил виза да присуствува на погребот на сопствениот татко.

Тоа е една од причините поради кои, децении подоцна, неговиот син Петро ја раскажува неговата трагична приказна во документарниот филм „Македонецот“.

„Татко ми одговори дека јас сум Македонец, јас сум дете, човек, жив човек сум. И тој му одговори: ‘За нас ти си ништо.’ И јас ова го запаметив. Но и виза не доби и на погребот не беше“, раскажува Петро Алексовски.

Приказната за своето детство и разделбата од семејството, Мито ја раскажал пред камерата на својот син откако дознал дека боледува од смртоносна болест.

„Преку тие три дена ми зборуваше за тоа што никогаш не го знаев. И тогаш, во тие три дена, кога јас имав 45 години, тогаш првпат јас го запознав татко ми. За тоа време јас не знаев со каков човек живеам, каква голема болка во срцето тој носи, живеејќи со таа болка“, вели Алексовски.

Од тие сведоштва се раѓа „Македонецот“ – документарен филм за едно семејство, но и за судбината на една цела генерација деца.

Преку филмот и изложбата „Мајко мила“, Петро го враќа гласот на оние кои детството го оставиле зад себе, а корените никогаш не ги заборавиле.

Новинар: Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани