Возел со 3,05 промили алкохол и учествувал во сообраќајна незгода во Охрид
Охриѓанец на возраст од 44 години бил лишен од слобода откако учествувал во сообраќајна незгода на улицата „15 Корпус“ во Охрид, а алкотестирањето покажало дека имал дури 3,05 промили алкохол во крвта.
Како што информираат од СВР Охрид, настанот се случил вчера (14.11.2026) во 14:26 часот. Б.П. (44) управувал патничко возило „Фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки, кое учествувало во сообраќајна незгода со автомобил „Опел“, управуван од Б.В. (67) од охридското село Лескоец.
При извршеното алкотестирање, кај 44-годишниот возач биле измерени 3,05 промили алкохол во крвта, по што полициските службеници веднаш го исклучиле од сообраќај и го лишиле од слобода.
По наредба на јавен обвинител, возилото е одземено, а по целосно документирање на настанот против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава.
