Во акцијата „Бегалец“, Специјалната антитерористичка единица, синоќа ги уапси синовите на Дилавер Бојку Леку.
Пресретнати и приведени беа на влезот од селото Велешта и двајцата биле вооружени.
Едниот од нив се бараше со меѓународна потерница поради убиство , нелегална трговија со оружје и други кривични дела, за што е осуден на затворска казна од 21 година. Неговиот брат е приведен поради поседување на оружје.
Таткото на приведените, Дилавер Бојку – Леку, беше босот на струшкото подземје, повеќе пати осудуван за нелегална проституција во Велешта и други кривични дела. Тој, во август 2017 година беше убиен во неговиот угостителски комплекс во Струга.
– На 19.03.2021 околу 21.45 час. на патот Струга-Дебар, пред с. Велешта полициски службеници од Секторот замеѓународна полициска соработка-Отсек за потрага во соработка со ОСОСК и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ го лишија од слобода Е.Б. (35), кој се барал со потерници од Основен суд Струга по чл.123, чл.396 и чл.244 од КЗ на РСМ, осуден на казна затвор од 21 година. При приведувањето кај Е.Б. е пронајден пиштол. Приведен е и Б.Б., кај кого исто така е пронајден пиштол, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
