Македонија го одбележува 11 Октомври – Денот на оруженото востание во НОБ и Револуцијата.
Пред 79 години, на 11 октомври 1941 година,пукна првата пушка во Прилеп и Куманово. Со нападот на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, кога 16 партизани распределени во три групи извршиле напад на фашистичкиот окупатор, и официјално започна востанието во Македонија против фашизмот. Поделени во три групи, првата го напаѓала бугарскиот полициски участок, втората затворот, а третата имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната енергија. Со овој чин беше означен почетокот на востанието на Македонскиот народ против фашистичкиот окупатор, со цел за конечно ослободување на земјата. На 12 октомври се огласија и истрелите на кумановските партизани. Почна четиригодишната крвава НОВ на Македонскиот народ за конечно ослободување на земјата. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.