Доктор Стурлакова-Димоска: Уморот е голем но најтешко е да се гледа болен кој е жеден за воздух

Доктор Стурлакова-Димоска: Уморот е голем но најтешко е да се гледа болен кој е жеден за воздух

Во време на досега најстрашната здравствена состојба, ковид-пандемијата, кога работниот ден на медицинските лица е исполнет со неизвесност и борба за секој еден живот, лекарите од Општата болница- Охрид останаа целосно посветени на пациентите и нивното здравје.

Соња Стурлакова-Димоска, лекар специјалист по Интерна медицина вели дека оддамна престанала да го користи терминот работно време, бидејќи како што вели, и во малкуте саати поминати дома во мислите и се пациентите, нивната состојба и молитвата што побрзо да оздрават.

Дневно во амбулантата на Интерното одделение има и до 80 прегледи.

 

+33„Бројот на пациентите е зголемен, ги прифаќаме сите болни. На Интерното одделение сеуште се хоспитализирани ковид-позитивни пациенти но со оглед на тоа што деновиве започна со работа Модуларната болница постепено се ослободува одделението. Во амбуланта работиме  две амбуланти, се примаат сите пациенти не само со ковид-19, туку и со други патологии. Деновиве се прави некоја селекција во смисла доколку не е итно а е потврдено ковид ги препраќаме во Модуларната болница на преглед кај инфектолог. Сите други се прегледуваат кај нас“, вели доктор Стурлакова-Димоска.

Неуморна во борбата со ковидвирусот секојдневно се соочува со нов предизвик, нова опасност, нова желба за истрајност , но и нова надеж да се победи злото кое и по година дена сеуште сее страв низ болничките ходници.

„Како најсродна гранка во борбата со ковид-19 се вклучивме ние како интернисти со прегледи, консултации… сето тоа како помош на инфектолозите. Ова е за сите нешто ново. На почетокот беше уште потешко со оглед на тоа што имавме многу помалку информации за самата болест. Немавме претходно искуство, првпат се сретнавме со ова заболување но сега некако, со сите протоколи, со сите мерки, полесно се справуваме“, додава Стурлакова-Димоска.

Уморот, вели таа, создава тешкотии но најтешко е да се гледа маката на болен пациент од ковид, борбата да се земе воздух… тоа е слика која тешко се брише од глава.

Најтешкиот дел е да се совлада уморот и да се издржи во заштитната опрема долги часови. Носиме скафандер, двојни маски, нараквици каљачи, визири,… има посебен протокол за нивно облекување и соблекување. На одделение имаме и полесни случаи но и пациенти со многу тешка клиничка слика. Тешко е кога се гледа како се борат за воздух. Постојано сме со нив. Медицинските сестри се трудат да им дадат сила да издржат бидејќи најчесто пациентите чуствуваат психолошки страв. Постојано се проверуваат и боците со кислород и се мери сатурацијата. Најважно е да се реагира навреме“, вели Стурлакова- Димоска и додава дека кај неа психичкиот замор е поголем отколку физичкиот.

Вакцинацијата според неа ќе помогне да излезат како победници во оваа битка но исто така мора да се почитуваат и мерките за заштита, носење маска и држење дистанца.

„Само разумни и сплотени можеме да си помогнеме едни на други. Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопственото здравје и здравјето на најблиските со носењето заштитна маска, одржувањето физичка дистанца, негрупирањето како и да не се злоупотребува самоизолацијата. Ова се клучни мерки во справувањето со ковид-19 кризата“, порачува доктор Стурлакова-Димоска.

 

Текстот е изработен во рамките на  кампањата  „Здравствените работници се нашите херои – со нив се гордееме“, како поддршка во најголемата  здравствена криза во историјата. 

ВИДЕО:  Да ги почитуваме здравствените работници! 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани