По пет дена активна и на моменти жестока дискусија, прво на дводневната Комисија за надворешни работи и одбрана, потоа на маратонска пленарна седница во траење од 38,5 часа, грчкиот Парламент вчера го ратификуваше Договорот од Преспа.
Гласањето помина без изненадувања, онака како што и се очекуваше. 153 пратеници гласаа „за“, 146 „против“, а еден беше воздржан, јави дописничката на МИА од Атина.
Законот од Министерството за надворешни работи на Грција под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите кои што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“, што содржи три члена, веднаш по гласањето беше потпишан од алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.
По гласањето, грчкиот премиер, како што самиот откри, добил телефонски повик и честитки од неговиот македонски колега, исто како што направиле и други лидери, пренесува Нова Макеоднија.
Грчкиот премиер рече дека „ се роди една нова земја на северната граница, Северна Македонија, која ќе биде земја пријател и сојузник на Грција“.
