Без одобрение за градба, не може да се гради, никаков објект, категоричен премиерот на РМ Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање околу тоа, дали е запознат со реконструкцијата на Али Пашината џамија која се гради и покрај забелешките на надлежните институции кои констатираа прекршувања на прописи и други незаконитости, пишува ТВМ Телевизија.
„Ако нема одобрение за градба не треба да се гради. Ако не постапи општинскиот инспекторат за градежништво ќе постапи државниот инспекторат. Во Македонија важат законите и тие мора да ги почитуваат сите. Јас исклучително испраќам порака да се почитуваат процедурите, постапките и законите во државата. Ако некој има право за одобрение за градба може да го добие тоа право, ако нема право, нема да го добие тоа право и сите мора да се придржуваме кон законите во државата“.
Реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид речиси една година е главна тема во градот. Според здружението „Совест“ реконструкцијата се одвива без одобрение за градба. Се користи тешка механизација и место да се зачува споменичното добро се уништува раноохристијанската базилика.
Здружението „Совест“ речиси една година бара стопирање на градежните зафати и реевидирање на проектот за изградба на 33 метри високото минаре кое ќе ја наруши визурата на градот Охрид.